Бугарската Црква упати повик за зачувување на единството

Светиот Синод на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија упати обраќање до верниците, повикувајќи на расудување, смирение и зачувување на црковното единство во контекст на реакциите предизвикани од неодамнешната посета на патријархот Вартоломеј на Бугарија.

Во обраќањето, објавено на 3 ноември 2026 година, Синодот потсетува дека Бугарската Православна Црква е во полно евхаристиско и канонско општење со Цариградската патријаршија и со останатите помесни Православни Цркви.

Синодот ја нагласува важноста на зачувувањето на ова општење и предупредува на опасноста од неразумна ревност, осудување и непријателство меѓу православните христијани. Во обраќањето се посочува дека грижата за чистотата на верата треба да биде проследена со смирение, познавање на црковното предание, духовна зрелост и почитување на црковната јерархија.

Особено се осудуваат нападите врз архијереите, клеветењето и самоволното изрекување анатеми. Синодот ги повика свештенослужителите да го укрепуваат верниот народ во верата, да одговараат на неговите прашања со трпение и да не поттикнуваат страв, недоверба и спротивставување меѓу верниците.

Во обраќањето се потсетува и на заедничкото богослужение на Цариградскиот патријарх Вартоломеј и Бугарскиот патријарх Даниил во Рилскиот манастир, одржано во рамките на одбележувањето на 1150 години од раѓањето и 1080 години од упокојувањето на преподобниот Јован Рилски Чудотворец.

На крајот, Светиот Синод ги повика православните христијани да го следат примерот на свети Јован Рилски, цврсто да ја чуваат верата, но истовремено да ги негуваат смирението, расудувањето и духовната послушност, молејќи се за мир и единство во Црквата.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/obrashtenie-na-svetia-sinod-na-balgarskata-pravoslavna-tsark–4