Во соборниот храм „Света великомаченичка Недела“ во Софија, престолнината на Бугарија, на 30 октомври 2026 година беше отслужена торжествена архијерејска Божествена литургија по повод празникот на светиот благоверен крал Милутин, чии нетлени мошти почиваат во овој храм.
Со богослужбата началствуваше Неговата Светост, Бугарскиот патријарх Даниил, во сослужение на митрополитите: Западно и Средноевропскиот Антониј и Тимочкиот Иларион, пратеник на Неговата Светост, Српскиот патријарх Порфириј, заедно со викарните епископи: Браницки Јован и Велбуждски Исак. Сослужуваа и високопреподобниот архимандрит Методиј, игумен на светогорскиот манастир Хиландар, јеромонахот Атанасиј од светогорскиот манастир Зограф, како и свештеномонаси, свештеници и монаси од неколку помесни Цркви. На богослужбата присуствуваа и бројни поклоници од повеќе земји во светот.
Во продолжение на евхаристиското собрание, моштите на светиот крал Милутин беа извадени од кивотот и внесени во олтарниот простор, каде што беа положени на Чесната трпеза и, според востановеното предание, облечени во нови одежди.
Во своето обраќање кон сослужителите и верниот народ, Бугарскиот Патријарх, помеѓу другото, истакна:
„Преку подигнувањето и обновувањето на многу цркви, по една за секоја година од неговото владеење, односно вкупно околу 40 храмови, преку прифатилиштето во Ерусалим, болницата во Цариград и фактот дека бил втор ктитор на соборниот храм на манастирот Хиландар, гледаме дека тој бил свесен за службата што Господ му ја доверил. Не само да биде световен владетел, освојувач и уживател на предностите и благодатите на царското достоинство, самодржец на царството, туку бил свесен за одговорноста што му била доверена – пред сè, да биде слуга на Бога Севишниот, Царот над царевите. […] Најважно во нашиот живот е да го придобиеме Царството Христово, зашто светиот крал Милутин, иако бил земен владетел, не ги полагал сите свои надежи во земното, ниту своите грижи ги насочувал исклучиво кон земното царство, туку, пред сè, се трудел Божјото Царство да се утврдува во неговото сопствено срце“.
Патријархот Даниил особено му се заблагодари на митрополитот Иларион, претставникот на Српската Православна Црква, кој ги пренесе братските поздрави од српскиот патријарх Порфириј, како и на високопреподобниот архимандрит Методиј, игумен на Светата царска српска лавра Хиландар на Света Гора, кој, одѕивајќи се на татковскиот повик на Неговата Светост, допатувал во Бугарија заедно со други хиландарски монаси по повод празникот.
Поглаварот на Бугарската Православна Црква во оваа прилика им подари богослужбени одежди, икони со ликот на света Софија – Премудроста Божја и честички од одеждата на светиот крал Милутин. Хиландарскиот игумен возврати со зборови на благодарност за благословот да ја сподели радоста на празникот на големиот ктитор и добротвор на светата хиландарска обител. И тимочкиот митрополит Иларион се заблагодари за поканата да ја посети престолнината Софија и да учествува во празничното богослужение.
Според востановениот поредок, на крајот од собранието беше одржана празнична литија околу храмот со моштите на светиот крал Милутин. Потоа моштите повторно беа внесени во храмот и положени во кивотот, каде што беа принесени коленопреклонети молитви за напредокот на христољубивиот народ и единството меѓу православните христијани.
Светиот крал Милутин оставил значаен ктиторски белег и на територијата на денешна Македонија. Меѓу најпознатите негови ктиторски дела се манастирските цркви „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, и „Свети Никита“ на Скопска Црна Гора.




















































