На својата редовна седница под претседателство на Неговата Светост Бугарскиот Патријарх Даниил, Светиот архијерејски синод на Бугарската православна црква (БПЦ-БП) одлучи да ги награди Цариградскиот патријарх Вартоломеј и Перистерискиот митрополит Григориј (Папатомас), од Православната црква на Грција, со орден „Св. Јован Рилски“ од прв степен, заради нивните истакнати заслуги за надминување на расколот во Бугарската патријаршија. Одликувањето на Патријархот Вартоломеј е на предлог на Пловдивскиот Митрополит Николај, а на Митрополитот Григориј – на предлог од Неврокопскиот митрополит Серафим.
Во своето соопштение за одликувањето, Синодот на Бугарската црква го објави и образложението од предлогот на Неврокопскиот митрополит Серафим, кое во продолжение го пренесуваме.
„Како резултат на расколот во БПЦ-БП (од 1991 г. и понатаму: 1992 – 1998 – 2009 г.) и изнесените произволни материјални и имотни барања од страна на клирот што се одделил од единството на Црквата, по долги 20 години, тие ја напуштија територијата на бугарската држава и се обратија до највисокиот суд во Европската Унија за вакви или слични случаи – Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Поради недоволната информираност на членовите на ЕСЧП за црковно-канонските особености на православните помесни цркви, шизматичарите добија на првата инстанца. Во тоа време (2009 г.) Бугарската патријаршија имаше потреба од едно канонско експертско мислење, кое би можело да го разјасни прашањето пред европските судии од црковно-канонска перспектива, и затоа му се обрати на архимандритот Григориј Папатомас како експерт-канонист, професор по Канонско право на Богословскиот факултет на Атинскиот универзитет и на Православниот богословски институт „Свети Сергиј“ во Париз. Експертската помош од архимандритот (сега митрополит) Григориј Папатомас секогаш беше целосно бесплатна. Даденото канонско експертско мислење од архимандритот Григориј Папатомас, заедно со неговото подоцнежно дополнување (во врска со терминот „источноправославна црква“), послужиле за оправдување на БПЦ-БП во споменатиот судски процес и станаа една од основите за целосно надминување на расколот во БПЦ-БП. Заслугата на архимандритот (сега митрополит) Григориј Папатомас за БПЦ-БП, за признавање на нејзината каноничност, е неспорна. Тој ја поддржа БПЦ-БП во исклучително тежок момент за неа и за бугарската држава.“
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/reshenie-na-sv-sinod-za-nagrazhdavane-s-tsarkovni-ordeni-na