На 17 декември 2024 година, Светиот синод на Бугарската православна црква го објави својот став во врска со иницијативите за преименување на плоштадот пред соборниот храм „Св. Александар Невски“, во Софија.
Во соопштението се вели:
На седницата одржана на 10 декември 2024 година, со протокол бр. 14 – во полн состав, Светиот Синод едногласно изрази негативен став во врска со преименувањето на плоштадот пред Патријаршиската катедрала „Св. Александар Невски“.
Плоштадот пред катедралата е неразделен дел од историјата на нашата татковина и нераскинлив дел од сите настани поврзани со Бугарската православна црква – Бугарската Патријаршија во изминативе сто години. Ова го прави не само обичен општински плоштад, туку и значајно историско место, директно поврзано со Патријаршиската катедрала „Св. Александар Невски“.
Именувањето на плоштадите во главните градови и големите градови на земјите членки на Европската унија соодветствува со имињата на катедралите изградени од верните христијани низ вековите. Овие имиња останале зачувани до денес, без разлика на политичките промени. Ќе наведеме само неколку примери: плоштадот пред катедралата во Брисел „Св. Михаил и св. Гудула“ го носи името на св. Гудула, плоштадот „Св. Петар“ во Рим, плоштадот „Сан Марко“ во Венеција, „Пјаца дел Дуомо“ во Милано. Понатаму, во многу градови не само плоштадите, туку и сите околни улици го носат името на катедралата, како што е случајот во Виена, Копенхаген, Будимпешта, Минхен, Солун и Барселона.
Во сите овие градови, како и во нашиот сакан главен град Софија, плоштадите се именувани откако биле изградени храмовите. Плоштадот добива значење не сам по себе, туку поради огромното духовно значење на храмот што се издига над него.
Затоа, Светиот Синод на Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија едногласно се спротивставува на преименувањето на плоштадот пред Патријаршиската катедрала „Св. Александър Невски“ во главниот град Софија.
Иницијативата за промена на името на храмот потекна од неколку општински советници, кои настојуваа плоштадот да го носи името на бугарски светител.
Претходно, имаше повици и за преименување на самиот храм „Св. Александар Невски“, на што Бугарскиот Патријарх се осврна во неодамнешно интервју за Бугарското национално радио, изразувајќи сомнеж дека тие доаѓаат од нецрковни средини и ги следат чекорите на некои универзитети и театри кои ги забранија руските уметници.
Во таа прилика Патријархот Даниил изјави:
Мислам дека станува збор за големо недоразбирање. Луѓето на кои им се вртат вакви мисли во главите не знаат за што зборуваат. Убеден сум дека тоа доаѓа од нецрковни кругови. Тоа се луѓе кои не посетуваат богослужби во „Св. Александар Невски“, но, видете, мислат дека знаат како треба да се вика храмот и плоштадот. Ќе споменам само неколку факти. Одлуката да се изгради ваков храм, кој ќе ја изрази радоста од Ослободувањето и благодарноста за илјадниците жртви – војници кои ги дале своите животи за ослободувањето на Бугарија, е донесена во 1879 година од Основачкото собрание. До осветувањето на храмот во 1924 година поминале 45 години.
Првиот повик на Александар Батенберг за собирање средства бил во 1881 година. Во оваа кампања учествувале државни институции, разни министерства и комисии. Целиот народ се одзвал со донации за изградбата на храмот. Од 1881 до 1912 година, кога храмот бил завршен, поминале 31 година, исполнети со различни политички тешкотии, конфликти помеѓу русофили и русофоби. Сепак, луѓето одговорни за организирањето и изградбата успеале да го остварат ова дело, поминувајќи низ бројни предизвици.
И сега прашувам: „Ние, нивните потомци, дали ја почитуваме волјата и напорите на донаторите за овој храм? Размислуваме ли за тоа? Што сме ние? Ќе се наречеме безродници?!“ Утре нашите потомци ќе речат: „Тие беа безродници. Нивните предци даваа сè од себе, направија храм на кој секој Бугарин се радува. Во изминативе 100 години нема поубав храм од „Свети Александар Невски“ на Балканскиот Полуостров“. А денес луѓе кои не го познаваат црковниот живот размислуваат да го променат името на храмот.
Такво нешто веќе се има случено. Од 1916 до 1920 година името на храмот беше променето во „Св. Кирил и Методиј“ поради политички причини. Но уште тогаш луѓето ја сфатија својата грешка и го вратија првобитното име, името на светецот кој го положи темелниот камен. Со тоа име храмот беше осветен – исто како крштението на човекот, кое претставува таинство, духовно раѓање, при што човек добива име. Никој надвор од Црквата не може да го промени тоа име.
При осветувањето на храмот тој се помазува со миро, што некои од светите отци го сметаат за едно од таинствата на Црквата. Целата оваа иницијатива е резултат на големо непознавање. Дополнително, тоа би можело да внесе поделби во општеството, доколку овие луѓе продолжат да инсистираат.
Во текот на изминативе 100 години од осветувањето на храмот, преживеавме Втора светска војна, во која Русија и Бугарија беа на спротивставени страни. Во „Свети Александар Невски“ се одржа опелото за царот. Потоа, во 1953 година, таму беше обновена Патријаршијата. Целиот народ се собираше во храмот за молитви во тага, благодарност кон Бога или за Негово прославување. Преку сето тоа време храмот им служеше на луѓето, ги поддржуваше во нивните потреби.
И сега прашувам: Кому му текнуваат вакви идеи? Што го попречува името на храмот да ја исполнува својата функција низ сето ова време?
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/stanovishte-na-sv-sinod-na-bpts-bp-otnosno-ideyata-za-preime и https://bnr.bg/post/102088693/patriarh-daniil-bezrodnici-li-sme-ta-da-preimenuvame-hrama-sv-al-nevski
