На 18 јули годинава Светиот Архијерејски Синод на Бугарската Православна Црква објави своја изјава по повод продолжената блокада на Појасот Газа. Во продолжение оваа изјава ја пренесуваме во целост.
„Камените од ѕидовите ќе повикаат, и дрвените греди ќе им одговорат:
‘тешко на оној што гради град врз крв и што гради тврдина со неправда!’“
(Авакум 2, 11–12)Со месеци наназад, светската јавност е сведок на суровата опсада на Појасот Газа, која доведе до невидена хуманитарна катастрофа. Илјадници наши браќа и сестри веќе го загубија својот живот; десетици се ранети; два милиони луѓе се осудени на недостиг од храна, питка вода, лекови, електрична енергија и гориво, додека над нивните глави постојано паѓаат бомби. Секојдневно умираат невини и невооружени луѓе – многу мали деца, жени, старци, немоќни, болни и ранливи лица. Воведената блокада, сфатена како „колективна казна“ за стотици илјади невини луѓе, е спротивна на сите норми на меѓународното право, на општата човечка моралност, но пред сè и над сè – на божествениот евангелски закон. „Гласот на крвта на брат ти вика од земјата кон Мене“ (Битие 4, 10) – и денес таа пролеана крв вика кон небото и кон нашата совест.
Не можеме да останеме неми, рамнодушни и незаинтересирани. Затоа бараме итно и безусловно прекинување на блокадата, слободен и обезбеден пристап за хуманитарна помош и медицински екипи. Ги повикуваме сите одговорни национални и меѓународни организации и верски заедници да извршат вистински притисок за траен прекин на воените дејствија и за заштита на цивилното население; за ослободување на заложниците и неправедно задржаните; за воспоставување на одржлив механизам за праведен мир, заснован врз еднаквост и сигурност за сите.
Потсетуваме дека секое недејствување пред очигледната мака на палестинскиот народ во Газа е соучество: „Грев е кај оној што знае да прави добро, а не го прави“ (Јаков 4, 17). Време е гласот на сочувството да надвладее над гласот на оружјето, милоста – над одмаздата, а правдата – над неправдата. Да го кренеме гласот за оние кои веќе немаат сила да зборуваат. Да им подадеме рака, пред нивната болка да се претвори во нова, непребродлива бездна меѓу народите. Зашто, „Кој го затвора увото пред писокот на сиромавиот, и самиот ќе вика – и нема да биде услишан“ (Изреки 21, 13).
Повторно ја изразуваме нашата братска молитвена поддршка кон Неговото Блаженство, Ерусалимскиот патријарх Теофил III, кон Светиот Синод на Ерусалимската патријаршија, кон Неговото Високопреосвештенство, Тиверијадскиот архиепископ Алексиј – патријаршиски егзарх во Газа, кон свештениот клир и многустрадалното паство на „Мајката на Црквите“ – светата Сионска црква.
Нека Севмилостивиот Бог ги заштити и сочува Своите невини чеда и да ги вразуми сите одговорни фактори, од кои зависи прекинот на блокадата и обновата на мирот!
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/obrashtenie-na-svetia-sinod-na-balgarskata-pravoslavna-tsark–2
