Бугарски епископ одбил да учествува на настани со неправославни во Истанбул

Посетата на епископот Велбуждски Исаак, викар на Софиската митрополија на Бугарската Православна Црква, во Истанбул од 9 до 13 април 2026 година заврши со одбивање на архиерејот да учествува во низа празнични настани. Постапките на архиерејот, поттикнати од стремежот за зачувување на чистотата на Православието, предизвикаа остра критика од страна на средствата за јавно информирање лојални на Цариградската патријаршија. За тоа известува Правблог.

Епископот Исаак пристигнал во Турција на чело на црковна делегација по покана на локалната бугарска заедница за да началствува на богослужбите во Страсната седмица. Меѓутоа, токму на денот на празникот Христовото Воскресение, бугарскиот архиј“ереј не сакал да учествува на службата во патријаршискиот соборен храм „Свети Георгиј на Фанар. Имено, според тамошната традиција, на тој ден за читање на Евангелието на различни јазици се покануваат претставници на Римокатоличката, Ерменската и Сиро-јаковитската црква. Кога ги видел во храмот претставниците на другите христијански конфесии, епископот Исаак го напуштил храмот.

Наместо да учествува во оваа екуменска церемонија, бугарскиот архиереј го прочитал Пасхалното послание на Светиот Синод на Бугарската Патријаршија пред својата паства во истанбулската населба Шишли, на територијата на подворјето на Бугарската егзархија.

Дополнителна напнатост предизвикал инцидент за време на службата на Велики Четврток. Ѓаконот што го придружувал епископот го спомнал не само патријархот Вартоломеј, туку и Патријархот Бугарски Даниил, што претставниците на Фанар го сметале за нарушување, повикувајќи се на својата јурисдикција над истанбулската заедница. Профанарските изданија ја обвиниле бугарската делегација за „литургиска неписменост“ и предизвикување скандал, повикувајќи да му се забранат понатамошни посети на епископот Исаак во Турција во рамките на верски настани.

Експертите забележуваат дека овој инцидент се случил два месеци пред планираната посета на Патријархот Даниил на островот Имброс. Постојат претпоставки дека настанатиот конфликт може да биде искористен од грчката страна како средство за притисок врз поглаварот на Бугарската Православна Црква.

Извор: https://raskolamnet.info/ru/103804-ru-epyskop-bolgarskoj-pravoslavnoj-czerkvy-otkazalsya-ot-sovmestnyh-meropryyatyj-s-ynoslavnymy-v-stambule/