Бугарски Патријарх Даниил: гласот на Црквата е соборен

Неговата Светост Бугарскиот патријарх Даниил во божикното интервју дадено за бугарскиот медиум „Гласове“, помеѓу останатото, зборуваше и за посетата на Цариградската Патријаршија и сослужувањето со Патријархот Вартоломеј. Како одговор на загриженоста на дел од верниците на Бугарската Православна Црква во врска со оваа посета, заради која дури беше покрената петиција тој да го откаже закажаното патување, Бугарскиот Патријарх даде објаснување:

„Нема основа за загриженост меѓу бугарските православни. Има вознемиреност кај некои верници и тоа треба јасно да се каже. Мирната посета кај Вселенскиот патријарх е традиционална и е знак на единството на Црквата. Бугарската православна црква не ја признава Православната црква на Украина и не ја спомнува во диптисите. Оваа разлика е јасна и им е позната на двете страни. Постигнат е договор за време на сослужувањето да нема учество на јерарси од таа црковна структура – обврска што Вселенскиот патријарх ја презеде. Општењето со Вселенската патријаршија не е прекинато, како што не било прекинато ниту во други слични случаи. Начинот за надминување на несогласувањата не е прекинот, туку зачувувањето на општењето со јасно и чесно исповедање на ставовите, со надеж во соборниот глас на Црквата“ – ги пренесува зборовите на Патријархот порталот „Гласове“.

На заедничката Литургија на двајцата патријарси, на 26 декември, во Фанар, немаше сослужители од спомнатата ПЦУ (Православна Црква на Украина), но името на нејзиниот поглавар на службата беше спомнато од Патријархот Вартоломеј и од ѓаконот на Цариградската Патријаршија.

Следниот ден, на Литургијата што беше отслужена во бугарската црква „Свети Стефан“ во Истанбул името на поглаварот на ПЦУ не беше спомнато, а беше спомнато името на Архиепископот Охридски и Македонски Стефан, бидејќи Бугарската Православна Црква ја признава Македонската Православна Црква како автокефална.

Извор: https://glasove.com/na-fokus/rozhdestvenski-razgovor-s-negovo-sveteyshestvo-patriarh-daniil-razdelenieto-se-lekuva-s-lyubov-i-proshka-bez-hristoviya-mir-vsyaka-promyana-ostava-vremenna