Светиот Синод на Бугарската православна црква го поздравува значајниот чекор во системот на средното образование во државата: парламентот на Бугарија на 8 октомври 2025 година во прво читање го одобри предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за предучилишно и училишно образование, кој воведува нов задолжителен предмет „Добродетели и религии“. Тој предмет го содржи православието како една од неговите основни компоненти. Како што јавуваат бугарските медиуми, предлог-законот бил усвоен со 169 гласови „за“, 3 „против“ и 28 „воздржани“.
Новиот предмет ќе се предава како факултативен, со можност за избор помеѓу „Религија – Православие“, „Религија – Ислам“ или „Добродетели/Етика“. Притоа, наставата по предметот нема да биде задолжителна за сите, и ќе се спроведува без оценување, за да се избегне притисок врз учениците. Предавачи ќе бидат квалификувани специјалисти, кои ќе обезбедат толерантен однос кон различните вероисповеди.
Во Бугарија цела година активно се дебатира за воведување на новиот училишен предмет „Добродетели и религии“, кој треба да го замени досегашниот изборен предмет „Религија“. Сепак, и покрај првичните планови, предметот нема да биде задолжителен за сите ученици. Воведувањето на новиот предмет предизвика широк јавен одглас. Во мај 2025 година, во Софија се одржа литија со илјадници учесници за поддршка на „Добродетели и религии“, организирана од Бугарската православна црква и поддржана од општествени организации.
Бугарската православна црква го поддржува воведувањето на предметот „Добродетели и религии“ во училиштата, гледајќи во тоа важен чекор кон преродба на духовните традиции и на моралното воспитување на младината. И покрај тоа што предметот опфаќа различни религиозни правци, токму православната вера го зазема централното место во него, што соодветствува на историските и културните корени на Бугарија.
Светиот Синод и Патријархот Даниил честопати истакнуваа дека воведувањето на овој предмет во задолжителната програма ѝ помага на Црквата посилно да влијае врз формирањето на духовните вредности кај младата генерација.
Во продолжение е целата изјава на Светиот Синод на Бугарската Патријаршија:
Светиот Синод на Бугарската Православна Црква – Бугарска Патријаршија, со посебна духовна радост и задоволство го поздравува значајниот напредок во остварувањето на еден долгоочекуван и многупосакуван настан од нашиот православен народ – воведувањето на предметот „Религија – Православие“ како задолжителен во системот на бугарското средно образование.
Го поздравуваме покажаното мудро и одговорно однесување при гласањето во прво читање во Народното собрание на Република Бугарија на измените во Законот за предучилишно и училишно образование, кои ќе им овозможат на сите деца и млади луѓе во нашaтa драга татковина да се допрат до ризницата на светото Православие, да се запознаат со вистините на светата православна вера и да се вдахновуваат од непреодните Христови добродетели.
На тој начин ќе се обнови една традиција на образование и воспитување, прекината за време на атеистичкиот режим, со која биле одгледувани нашите предци од најдлабоката древност, преку Преродбата, па сè до денес.
Се надеваме и се молиме пред Седарителот Бог овој процес успешно да се заврши. Светата Црква полагала и ќе продолжи да полага – според своите сили – напори за образованието и христијанското воспитување на младите луѓе и на сите наши возљубени во Христа браќа и сестри.
Божјиот благослов и Неговата голема милост нека бидат со сите што учествуваат, придонесуваат и помагаат во ова богоугодно дело!
Извор: https://gorthodox.com/news-item/bolgarskij-parlament-odobril-vvedenie-obyazatelnogo-predmeta-dobrodeteli-i-religii-v-shkole и https://bg-patriarshia.bg/news/obrashtenie-na-svetia-sinod-na-balgarskata-pravoslavna-tsark–3
