На 27 февруари 2025 година, во Подворјето на Руската Православна Црква – во храмот „Свети Николај“ во Софија, Бугарија, свечено беше одбележана 75-годишнината од упокојувањето на Свети Серафим (Соболев), архиепископ Богучарски, Софиски чудотворец.
Во овој празничен ден, Божествената литургија во Патријаршиското Подворје ја отслужи Светејшиот Патријарх Бугарски г.г. Даниил.
На Божествената литургија присуствуваа амбасадорот на Руската Федерација во Бугарија, Е.В. Митрофанова, политичарот Румен Петков, првиот секретар на Амбасадата на Русија, В.Ј. Солодкин, гости од различни региони на Бугарија, како и бројни верници на Подворјето. И покрај тоа што беше работен ден, храмот беше преполн со верници кои дојдоа да му оддадат почит на свети Серафим и да се причестат со Светите Христови Тајни.
По заамвонската молитва, во центарот на храмот беше отслужен молебен на светиот Серафим.
По молебниот канон, Светејшиот Патријарх Даниил се обрати со проповед до присутните, истакнувајќи: „Во овој празничен ден нашите срца и души се радуваат, како што се радуваа и утешуваа срцата на неговите духовни чеда во триесеттите години, кога тој служеше овде, во градот Софија. Изминаа 75 години од неговото упокојување, но духовната поддршка и радост никогаш не престанаа. И денес, верниците доаѓаат овде, поклонувајќи се на местото на неговото упокоение, добивајќи благослов и осветување преку неговите свети молитви.“
Патријархот особено ги истакна богословските трудови на светиот Серафим, нагласувајќи дека неговата архијерејска совест никогаш не останувала рамнодушна кон прашањата за чистотата на православната вера: „Сето тоа беше плод на неговото автентично православно духовно искуство. Неговите проповеди се исполнети со високо богословие и длабока образованост – познато е дека тој беше предавач и ректор на неколку православни семинари. Но, истовремено, секогаш знаеше на едноставен и разбирлив начин да ги пренесе вистините на верата и правилата на духовниот живот.“




















Извор: http://podvorie-sofia.bg/святейший-патриарх-болгарский-дании/