Во пресрет на големиот Господов празник Преображение Господово, на 5 август, Неговата Светост Софискиот Митрополит и Бугарски Патријарх Даниил се искачи на врвот на планината Рила, до Седумте рилски езера. Таму, во утринските часови, покрај езерото нарачено „Бубрег“, се собраа учесниците на поклоничкиот пат „Рилскиот Чудотворец“, кои пеш тргнаа од Софија на 1 август.
Поклоничкото патување, посветено на св. Јован Рилски, секоја година собира десетици православни христијани од целата земја и од странство. Походот симболично го повторува пренесувањето на моштите на преподобниот св. Јован Рилски Чудотворец во 1469 г. од Трновград преку Софија до Рилската света обител, минувајќи низ местата каде што, според преданието, поминала поворката со моштите. За време на целиот пат се служат богослужби и се упатуваат молитви и песнопенија кон Рилскиот Чудотворец.
Неговата Светост Патријарх Даниил, кој првпат учествува во поклоничкиот пат, се искачи пеш на 2282 метри надморска височина и го достигна езерото наречено „Бубрег“.
Според веќе петнаесетгодишната традиција, таму беше извршен празничен водосвет. За првпат го отслужи патријарх Даниил, заедно со Браницкиот епископ Пахомиј, прв викар на Софискиот митрополит, Агатополскиот епископ Јеротеј, архимандрит Јован, протосингел на Софиската митрополија, како и архимандрит Василиј, настојател на главната катедрала во Софија „Св. великомаченик Недела“.
На крајот на возбудливата служба Патријархот Даниил се обрати со слово кон десетиците христијани, кои тргнале по напорниот пат на планинското поклоништво, и рече:
„Се радува срцето на човекот кога гледа толку многу души кои имаат љубов кон св. Јован Рилски и го следат, и го подражаваат неговиот подвиг, макар и неколку дена… Упатуваме молитви кон Рилскиот Чудотворец, кон Бога, и вкусуваме малку од таа благодат што тој ја стекнал и станал извор на жива вода, кон кој стреми од илјада години целокупниот наш бугарски народ и православните христијани од многу земји. Дај Боже преку вашето усрдие, вашето покајание, да се постави основа на покајанието на нашиот бугарски народ, за да може да се очисти и духовно да се воздигне. Донесете во домовите свои, меѓу пријатели, блиски и семејства, оваа радост и душевна чистота што тука ја чувствувате. Донесете малку мир, спокојство, човекољубие, малку внимание, грижа за луѓето што се околу вас и кои недостигаат во денешниот свет“ – рече во својот збор Неговата Светост и благопожела: „Дај Боже повеќе и повеќе луѓе да тргнат по овој пат, да ги чистат срцата свои и да се слави Божјото име. Амин!“
По водосветот и поросувањето со света вода, поклониците се упатија кон Рилската света обител, каде што ќе заврши поворката. Таму ќе учествуваат во празничната архиерејска литургија во манастирскиот соборен храм „Рождество на Пресвета Богородица“ и заедно ќе го пречекаат големиот Господов празник Преображение Господово.
Извор: https://mitropolia-sofia.org/2024/08/05/българският-патриарх-даниил-отслужи-3/