Бугарскиот Патријарх и Софиски Митрополит г.г. Даниил за време на Божествената Литургија во храмот „Свети Јован Рилски“, во градот Перник, Бугарија, се обрати до верниците со повик да се молат за зачувување на Украинската православна црква. Ова го пренесе Информативно-просветниот оддел на Украинската православна црква, со упатување на Бугарското национално радио.
Претходно, во својот коментар, објавен од бугарските медиуми, Патријархот Даниил изрази длабока загриженост поради неодамнешните законодавни промени во Украина.
„Украинскиот парламент донесе закон кој предвидува затворање на Украинската православна црква, која е единствената канонска Православна Црква“, нагласи тој и додаде: „Кога државата донесува закон за затворање на својата канонска Црква, што ни останува нам?“
Тој исто така нагласи дека „11 од 15 Помесни Православни Цркви не ја признаваат црковната структура што беше создадена во 2019 година“.
Во својата проповед за време на Литургијата, Светејшиот Патријарх зборуваше за неизбежната сила на верата и повика верниците да се молат за оние кои се погодени од тековните проблеми со кои се соочува Украинската православна црква.
„Да се молиме искрено, Господ да ги укрепи нашите браќа и сестри од Украинската православна црква, да ги просветли политичарите и мир да завладее на украинската земја“, нагласи тој.
На крајот, Бугарскиот Патријарх повика што побрзо да има прекин на конфликтот во Украина и изрази надеж за зачувување на Украинската православна црква.