Бугарскиот патријарх Даниил и Ловчанскиот митрополит Гавриил испратиле две писма за поддршка на Киевската митрополија на Украинската православна црква во врска со судската постапка за укинување на нејзината регистрација како правно лице.
Факсимили од писмата беа објавени по судското рочиште одржано на 22 јули од страна на адвокатот на Киевската митрополија, протојереј Никита Чекман. Од документите се гледа дека едното писмо лично го испратил бугарскиот патријарх Даниил, а второто го потпишал Ловчанскиот митрополит Гавриил. Писмата биле доставени и до Киевската митрополија и до судот што ја разгледува тужбата на Државната служба на Украина за етнополитика и слобода на совеста.
Писмото на бугарскиот патријарх е упатено до поглаварот на Украинската Православна Црква, митрополитот Киевски и на цела Украина Онуфриј. Во него патријархот Даниил наведува дека веста за новите искушенија со кои се соочува Украинската Православна Црква предизвикала длабока загриженост кај бугарското свештенство и верниците. Тој истакнува дека особена загриженост предизвикува можноста да биде укината правната регистрација на Киевската митрополија. Таквата мерка би ги ограничила верските права и слободи на милиони верници и би претставувала мешање во внатрешните прашања на православната вера. „Внатрешноцрковните прашања никогаш не се решаваат со политички инженеринг“ – нагласува патријархот Даниил. Тој изразува безусловна поддршка за правото на слобода на вероисповед, за законски гарантираниот статус и за судската регистрација на канонската Украинска Православна Црква.
Во писмото се додава дека оваа позиција ја продолжува линијата што ја следеле блаженоупокоените бугарски патријарси Максим и Неофит. Патријархот Даниил го уверува митрополитот Онуфриј дека православните Бугари се молат за мир во Украина и за зачувување на Христовата Црква.
Писмото на Ловчанскиот митрополит Гавриил, за разлика од она на патријархот Даниил, е адресирано до судот, а не до митрополитот Онуфриј. Напишано е на англиски јазик. Во него се наведува дека блаженоупокоениот Бугарски патријарх Неофит во 2017 година, во обраќање до тогашниот украински претседател Петро Порошенко, изрекол пророчки зборови: „Единствената канонска Православна црква во Украина е Украинската Православна Црква. Секое посегање по нејзините интереси може да има кобни и разорни последици и за целиот украински народ и за украинската државност“.





