Неговата Светост Бугарскиот патријарх г.г. Даниил на Задушница, 22 февруари 2025 година, отслужи заупокоена молитва за сите починати, во храмот „Сите Светии“ при православниот манастир „Свети Јован Крстител“ во Есекс, Англија.
Во молитвата учествуваа и други архијереи на Бугарската Православна Црква, како и претседателката на парламентарната комисија за соработка со граѓанското општество – Росица Кирова, амбасадорот на Бугарија во Обединетото Кралство – Тихомир Стојчев и генералниот директор на Бугарската телеграфска агенција (БТА) – Кирил В’лчев.
Игуменот на православниот манастир „Свети Јован Крстител“ во Есекс – архимандрит Петар, го пречека бугарскиот патријарх Даниил во храмот „Свети Силуан Атонски“, кој е дел од манастирот.
„Пред години се зборуваше дека светото православно предание во Бугарија е како заспан великан. А сега можеме да видиме дека светиот остаток од побожните христијани, како харизматичен квасец, со Божја помош е способен да го закваси целото тесто на верниците во Бугарија“ – изјави игуменот.
„Со оваа мисла, и со срца исполнети со желба и надеж ова да стане реалност, се молиме Божјата промисла во Вашата личност да најде скапоцен инструмент за исполнување на Неговата спасителна волја – будењето на заспаниот великан за обновување на Црквата и осветување на верниците“ – додаде тој.
Игуменот на манастирот, архимандрит Петар, му подари на патријархот икона од основачот на манастирот – свети Софрониј Сахаров, а патријархот возврати со икона на свети Јован Рилски, на кого е посветен новоизградениот бугарски храм во Лондон, кој тој дојде да го освети.
Патријархот Даниил ќе отслужи прва света литургија во Лондон по повод свеченостите за осветување на новиот храм на бугарската православна заедница во британската престолнина, кои ќе се одржат на 22-23 февруари. Неговата посета е прва официјална надвор од границите на Бугарија.
