Бугарски Патријарх Даниил: На Света Гора не ја признаваат ПЦУ, а сослужуваат со Патријархот Вартоломеј

Во неделата на 25 октомври, по Божествената Литургија во соборниот храм „Св. великомаченичка Недела“ во Софија, Бугарскиот патријарх Даниил му се обрати на верниот народ во црквата. Тој им го пренесе на верните благословот на игумените и отците од манастирите на Света Гора Атон, кои ги посети неодамна, како што известивме.

Во таа пригода, Патријархот Даниил се допре и до и прашањето за сослужувањето со Цариградскиот Патријарх Вартоломеј во Рилскиот манастир, што предизвика реакции кај некои луѓе во Бугарската Православна Црква. Одговарајќи на прашањата на мирјаните за неодамнешната посета на Цариградскиот патријарх Вартоломеј, тој истакна дека одлуката за тоа ја донел Синодот и дека таа не зависи само од него. Поглаварот на Бугарската Црква им се заблагодари на верниците за искреноста и истакна колку е важно луѓето отворено да ги споделуваат своите грижи.

Зборувајќи за посетата на Света Гора, Патријархот Даниил истакна:

„Насекаде каде што се среќававме со отците, разговаравме; и Ивиронскиот манастир, и ќелијата Св. Николај, и Зографскиот и Ватопедскиот манастир немаат сослужување со таа црковна структура која ја создаде Патријархот Вартоломеј, не ја примаат и не сослужуваат со клирици од Православната Црква на Украина. Но, истовремено, тие се наоѓаат под јурисдикцијата на Вселенскиот Патријарх, го спомнуваат својот патријарх и, кога имаат заеднички сослужувања, служат со него, и покрај тоа што Патријархот го спомнува претстоителот на Православната Црква во Украина, Епифаниј Думенко. Монасите на Света Гора не го признаваат за канонски архијереј и не влегуваат во сослужување со него, но не го имаат прекинато општењето со својот патријарх. Насекаде го поставувавме тоа прашање и сите игумени и манастири го поддржаа тоа што не сме го прекинале сослужувањето, туку даваме можност Црквата, соборниот разум на Црквата, да даде разрешување на прашањата коишто го смутуваат телото на Црквата“.

Според зборовите на поглаварот на Бугарската Патријаршија, во сложената состојба во Православната Црква потребно е да се вложат напори за барање единство, а не да се предизвикуваат поделби. Според него, сличен став заземаат и други помесни Цркви, вклучително и Ерусалимската.

„Јас не сум соборниот разум на Црквата“, нагласи патријархот Даниил и додаде дека критиките искажани на социјалните мрежи не можат да го заменат црковниот дијалог. Историјата на Црквата покажува дека во одредени периоди општењето се одржувало дури и со еретици, а дури по долги расправи соборно било донесувано конечно решение за нив.

Патријархот Даниил објасни дека никој никого не треба се нарекува еретик без соборно решение на Црквата и изрази чудење за леснотијата со кои одредени верници фрлаат анатеми. Во моментов, ниту една Православна Црква не го анатемисала Цариградскиот патријарх. Затоа патријархот Даниил ги повика верниците да ги избегнуваат крајностите и „ревноста не според разумот“.

Целото обраќање може да се види на следната видео снимка.