Бугарскиот Патријарх за неодамнешниот скандал во бугарскиот храм во Турција

Неговата Светост Бугарскиот Патријарх Даниил го коментираше скандалот што се случи на 6 мај годинава во бугарскиот храм „Св. Георгиј“ во Едрене, Турција, кога надлежниот архијереј од Цариградската Патријаршија не дозволи службата да биде на друг јазик, освен на грчки.

Верниците бараа на Ѓурѓовден да се служи на бугарски, односно на црковнословенски јазик, што не беше дозволено, и не беше отслужена предвидената света Литургија, како што известивме.

Во интервју за Бугарската национална телевизија, на 11 мај годинава, Патријархот Даниил го изрази своето незадоволство заради настанатиот проблем.

На новинарското прашање „Зошто Бугарите беа лишени од богослужба на бугарски јазик?“, Неговата Светост одговори:

„Недоразбирањето меѓу митрополитот Амфилохиј и бугарската заедница, бидејќи во Одрин главно Бугари одат во црква, трае веќе подолго време.

Овие проблеми им се познати и на црковниот одбор, и на фондацијата што се грижи за црквите во Истанбул и Одрин. Познати ѝ се и на Константинополската патријаршија, а познати ни се и нам. И токму тоа што кај мене предизвикува недоумица е што се знае дека едно такво спротивставување води до резултатите до кои логично и доведе – ние го повторуваме она што се случувало пред 150 години, кога луѓето се бореле за правото самостојно да се проповеда на бугарски јазик.

И ова недоразбирање јас лично не можам да разберам, ниту да си објаснам зошто се случува вакво нешто.

Каков е проблемот да му се дозволи на еден духовник, кој е свештеник на Вселенската патријаршија — отец Харалампи Ничев? Тој е клирик на Вселенската патријаршија и дошол тој ден да служи. Претходно имало договор, колку што видовме од снимките и колку што стана јасно од разговорите со господин Димитар Јотев. Вчера разговаравме со него по телефон, разговаравме и со отец Харалампи. И така остануваме во недоумица — каков проблем е тоа, кога таму дошле 150 Бугари, да не им се дозволи да се служи литургија на бугарски јазик?

Дури и само тој да ја отслужи таа Литургија, затоа што народот дошол токму за тоа.

Народот го почитува овој празник, а тие прашања биле толку чувствителни во минатото. Не гледаме зошто има потреба денес повторно да се разгорува нешто што никому не му е потребно. Да се разгорува токму по прашањето дали да му се дозволи на свештеник што служи на бугарски, односно словенски јазик, да може да го изврши богослужението. Не можам да разберам што толку пречи во тоа. Сè ќе беше мирно, сè ќе беше мирно и прекрасно.“

Потоа, запрашан „дали ја поддржува одлуката на црковниот одбор да не дозволува грчки свештеници во црквата додека не се реши прашањето?“ тој истакна:

„Тие го имаат тоа право според турското законодавство, бидејќи се регистрирани како религиозна организација и, според законите на турската држава, тие имаат целосно право да го направат тоа. Мислам дека оваа одлука доаѓа како резултат на многу преговори и многу обиди ова прашање да се реши на друг начин. И повторно ќе кажам — мислам дека одговорните фактори ќе ги земат предвид и далечната историја на ова прашање, и блиската предисторија, и ќе најдат добро решение, така што сите да бидеме задоволни, таму редовно да се служи богослужение на разбирлив јазик и да нема поводи за вакви напнатости и недоразбирања.“

Извор: https://bntnews.bg/news/patriarh-daniil-za-zabranata-da-se-sluzhi-na-balgarski-v-hrama-sv-georgi-v-odrin-za-men-tova-e-nedorazumenie-1392716news.html