Православниот богословски факултет „Патријарх Јустинијан“ при Универзитетот во Букурешт организира упис за магистерската програма „Комуникација и црковно заедничарење во православниот простор“, наменета за обука на идни медиумски работници и религиски новинари.
Наставниот план вклучува предмети како „Религиозна порака и црковна комуникација“, „Дигитална радио-продукција“, „Дигитална телевизиска продукција“, „Онлајн графика“ и „Жанрови во печатените медиуми“.
Наставата ја изведуваат професори од Факултетот за новинарство и комуникологија при Универзитетот во Букурешт, заедно со професори од теолошката област, кои имаат искуство во религиското новинарство.
Идните дипломирани студенти на оваа магистерска програма ќе имаат можност да работат во рамките на медиумскиот центар „Базилика“ (Basilica) на Романската патријаршија, кој ги опфаќа: „Радио Тринитас“, „ТВ Тринитас“, „Новинската агенција Базилика“, весникот „Лумина“ и Канцеларијата за информирање и односи со јавноста на Романската патријаршија.
Актуелноста на христијанската комуникација
Отец Николае Даскалу, почесен патријаршиски советник, ја истакна актуелноста на обуката за христијанските кадри за медиуми:
„За актуелноста на христијанската комуникација во денешниот свет имаме убедливи аргументи уште во Светото Писмо и кај Светите Отци на Црквата. Колку само е актуелен повикот на св. апостол Петар упатен до сите христијани од минатото и од сегашноста: ’Tуку, Господа Бога почитувајте го во срцата свои; а бидете секогаш подготвени со кротост и страв за одговор на секого, кој од вас побара сметка за вашата надеж’ (1Пет. 3, 15).“
„Дотолку повеќе, од голема мисионерска полза за младите теолози и служители на Црквата е да ги разбираат новите медиуми за комуникации, да ги користат со расудување и да придонесуваат за самообразованието, како и за образованието за медиумите и за дигиталната култура“ – изјави свештеникот за „Базилика“.
Нова генерација на црковни медиумски работници
Отец Николае Даскалу објасни дека развојот на црковните медиумски институции наложува едуцирање на нови експерти.
„На Црквата ѝ е потребна нова генерација на медиумски работници, особено за нејзините медиумски институции кои достигнаа нова фаза на зрелост (петте компоненти на медиумскиот центар Базилика и епархиските медиумски институции), но и за црковните културни сектори и за секторите за односи со јавноста во земјата и во дијаспората.“
Осврнувајќи се на магистерската програма, почесниот патријаршиски советник нагласи дека „ова е убава можност што им се нуди на теолозите за систематско проучување на техниките и стратегиите за комуникација, но и духовна опција за дипломираните студенти од други факултети, да ги продлабочат христијанските перспективи на комуникациското дејствување“.
Уписите на магистерските програми на Православниот богословски факултет „Патријарх Јустинијан“ траат до 17 јули, а приемот ќе вклучува и мотивациско интервју. Заинтересираните кандидати можат да ги погледнат информациите за приемот на официјалната веб-страница на факултетот: https://ftoub.unibuc.ro/admitere/studii-universitare-de-master/
