Цариградската патријаршија најавува заедничка прослава на Велигден со Римокатоличката црква

На десеттиот Собир на архијереите на Цариградската патријаршија, кој се одржа во Фанар од 1 до 3 септември 2024 година под претседателство на Неговата Светост Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, помеѓу останатите теми, беше разгледувано и прашањето на заедничкиот датум за прослава на празникот на Христовото Воскресение – Велигден, со Римокатоличката црква.

Во соопштението објавено на официјалниот сајт на Цариградската патријаршија по завршувањето на овој Собир се вели:

„Во своето завршно обраќање, Неговата Сесветост [Патријархот Вартоломеј] ги потсети архијереите на Собирот дека во текот црковната година која сега започнува, односно кон крајот на мај 2025 година, ќе се одржи официјалното чествување на 1700-годишнината од Првиот Вселенски собор во Никеја на Витинија, со лично присуство на Неговата Светост Папата Римски Франциск. Во овој дух, архијерејскиот Собир беше посветен на оваа историска годишнина, што беше изразено со изборот на централниот мотив за Собирот на стихот од Вечерната служба за неделата на Светите и Богоносните Оци на Првиот Собор во Никеја: ’следејќи ги нивните божествени догми, ние веруваме и се поклонуваме… на една Божествена Единосушна Троица’. Во тој дух, се изразува заедничката желба следната година заедничкиот празник на [Вокресението Христово] Пасха меѓу Источното и Западното христијанство да не биде само среќна случајност, туку почеток на одредување на заеднички датум за годишното празнување, согласно Пасхалниот календар на нашата Православна Црква.“

Извор: https://ec-patr.org/ανακοινωθέν-ι-συνάξεως-της-ιεραρχίας/