Цариградската патријаршија основа Канцеларија за борба против трговијата со луѓе и против современото ропство

Со благослов и по упатства на Цариградскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, Патријаршијата започнува нова служба – Канцеларија за борба против трговијата со луѓе и против современото ропство, според соопштението на Архиепископијата на Тијатир и Велика Британија. 

Канцеларијата ќе биде сместена во Лондон и ќе работи под покровителство на Архиепископијата на Тијатир и Велика Британија и под директен надзор на Архиепископот г. Никита. 

Во продолжение се опишуваат улогата, структурата и мисијата на новата служба: 

Централен координативен центар

Канцеларијата ќе функционира како централна точка за координација на сите активности поврзани со борбата против трговијата со луѓе и против современото ропство. Ова ќе вклучува собирање и ширење информации, објавување јавни соопштенија и организирање состаноци, семинари, конференции и други поврзани активности. Со обединување на овие напори, канцеларијата ќе осигури дека одговорот на Црквата е кохерентен, документиран и ефективен. 

Центар за образовни ресурси

Канцеларијата ќе функционира како центар за ресурси за едукација на клирот, верниците и пошироката заедница за најновите податоци за трговијата со луѓе и за современото ропство. Ќе развива и дистрибуира образовни материјали, ќе организира работилници и ќе обезбедува обука за да се осигури дека клирот е добро информиран и подготвен да се справи со овие прашања во својата служба. 

Месечни онлајн семинари

За одржување на континуираната ангажираност и едукација, канцеларијата ќе организира месечни онлајн семинари. Овие семинари ќе бидат со цел да ги информираат клирот и верските лидери низ целиот свет за најновите развои во борбата против трговијата со луѓе и современото ропство, да споделуваат добри практики и да го истакнуваат континуираното дело на Црквата во оваа област. 

Развој и дистрибуција на образовни ресурси

Канцеларијата ќе биде одговорна за развојот, издавањето и дистрибуцијата на образовна книга со ресурси, која во моментов се подготвува од Заедничката комисија на Цариградската патријаршија и Црквата на Грција. 

Мрежа на експерти и претставници

Канцеларијата ќе воспостави и одржува сеопфатен список на православни свештеници, научници и невладини организации кои се запознаени со прашањата за трговијата со луѓе и современото ропство. 

Локација и надзор

Канцеларијата ќе биде сместена во Лондон, кој како глобален центар нуди стратешки предности за поврзување, застапување и соработка со други организации и владини тела вклучени во борбата против трговијата со луѓе. 

Извор: https://www.orthodoxtimes.gr/to-oikoumeniko-patriarcheio-idryei-grafeio-katapolemisis-tis-eborias-anthropon-kai-tis-sygchronis-douleias-sto-londino/