„Нашата одговорност е да им го пренесеме на децата од нашата дијаспора скапоценото богатство што го наследивме“ – истакнува, меѓу другото, Неговото Високопреосвештенство Архиепископот на Австралија, г. Макариј од Цариградската Патријаршија, во своето обраќање по повод 9 февруари – денот на сеќавање на националниот поет Дионисиос Соломос, кој е прогласен за Светски ден на грчкиот јазик.
Неговото Високопреосвештенство нагласува дека Архиепископијата на Австралија „неуморно се труди да го зачува, негува и истакне јазикот на нашите предци“. Тој изразува увереност дека „освен нашите клирици и наставници, кои посветено и систематски работат на оваа цел, го имаме за сопатник и секој родител, секоја баба и дедо кои се горди на својот грчки православен идентитет и на неугасливиот глас на историјата на нашиот народ“.
Во продолжение, целосното обраќање на Архиепископот на Австралија, г. Макариј, по повод Светскиот ден на грчкиот јазик:
„Јазикот мој ми го дадоа грчки
куќата сиромашна на бреговите на Хомер
Единствена грижа – мојот јазик, на бреговите на Хомер…“Денешниот ден ни дава совршена можност да се навратиме на монументалното дело „Достојно ест“ на нашиот голем поет Одисеас Елитис и, низ неговите вдахновени стихови, да размислиме за благодарноста што сме им ја должни на претходните генерации, како и за одговорноста што ја носиме за едно непроценливо богатство што ни е предадено: благодарност за грчкиот јазик што ни го оставија нашите предци и одговорност да го зачуваме како скапоцено богатство и да им го предадеме на идните генерации.
Навистина, овој јазик е скапоцено богатство – јазик што, повеќе од кој било друг, низ вековите ги осветли мислите на философите и истражувањата на научниците, им даде вдахновение на поетите и молитвен глас на нашиот богољубив народ. Оваа непроценлива ризница, со својата колевка на „бреговите на Хомер“, се подели дарежливо со целиот свет, збогатувајќи ја и оживувајќи ја европската и светската цивилизација.
Оваа ризница, која за Одисеас Елитис беше „единствената грижа“, нè потсетува и на моќните зборови на нашиот национален поет Дионисиос Соломос: „Зарем имам друга мисла во умот, освен слободата и јазикот?“ Денес, додека му оддаваме почит на Соломос заедно со Светскиот ден на грчкиот јазик, овие двајца големи поети нè повикуваат да останеме на висината на нашето историско наследство – со чувство на благодарност кон генерациите пред нас и одговорност кон оние што ќе дојдат по нас.
И овде, на петтиот континент, и покрај сите несомнени предизвици со кои се соочуваме, нашата одговорност останува недопрена: да им го пренесеме на децата на нашата дијаспора скапоценото богатство што го наследивме – нашиот грчки јазик. Нашата Света Архиепископија, преку своите парохии, училишта и сите други аспекти на црковниот живот, неуморно работи на зачувување, негување и истакнување на јазикот на нашите предци. Сигурен сум дека, освен нашите клирици и наставници, кои посветено работат на оваа мисија, имаме за сопатници и секој родител, секоја баба и дедо кои се горди на својот грчко-православен идентитет и на неугасливиот глас на историјата на нашиот народ. Нека Бог ги просветли и зајакне сите во оваа тешка, непрекината, но возвишена борба!
