Бурни реакции во православните медиуми предизвика објавувањето на приватното писмо на Американскиот Архиепископ Елпидофор, од Цариградската Патријаршија, до Цариградскиот Патријарх Вартоломеј.
Во писмото со датум 21 ноември 2025 година Архиепископот Елпидофор поднесува детален извештај за некои значајни настани од животот на Православната Црква на тлото на САД до Патријархот Вартоломеј. Во прв план се напорите на претставниците на неколку помесни Православни Цркви да се застапат пред американските власти за прекин на прогонот на Украинската Православна Црква.
Попречување на напорите за прекин на прогонот на Украинската Православна Црква
Како што известивме, во декември 2025 година група од речиси 200 верници, монаси, свештеници и епископи се собраа во Вашингтон, САД каде што се сретнаа со повеќе претставници на американски те власти и бараа да прекине прогонот од Украинската држава врз Украинската Православна Црква. Подоцна беше обелоденето дека благодарение на тие напори беше прекинат процесот на протерување на претстоителот на Украинската Православна Црква, Митрополитот Онуфриј, а адвокатот на Украинската Црква јавно им се заблагодари на властите на САД за ослободувањето на митрополитот Арсениј Свјатогорски, по две години поминати во притвор.
Од писмото дознаваме дека Архиепископот Елпидофор заедно со свештеникот Александар Карлуцос преземале чекори да се спречат овие напори за прекин на прогонот:
„По консултација со Пречесниот велик протопрезвитер Александар Карлуцос, решивме да отпатуваме во следните денови во Вашингтон за да го спречиме развојот на настаните и да ги информираме официјалните лица од Белата куќа, Стејт департментот и Конгресот за вистинските факти и ситуацијата во Украина. Истовремено, преземавме чекори за откажување на состаноците на оваа проруска група со споменатите владини официјални лица.“
„На крајот отецот Александар телефонски ме информираше дека преку неговите координирани напори на 19 ноември состаноците со владини официјални лица биле откажани.“
Ставот кон останатите православни јурисдикции во САД
Помеѓу останатите прашања кои се дискутираат во писмото, карактеристичен е ставот на Архиепископот Елпидофор кон останатите православни јурисдикции во САД. Имено, тој останатите Православни Цркви во САД ги нарекува „присуства“, па зборува за „православни присуства во САД“. Епископот Иринеј од Српската Православна Црква во писмото не го именува со неговата титула „Источноамерикански“, која ја содржи придавката „американски“, туку вели дека епископот Иринеј е „од тукашното присуство на Српската Патријаршија“. На сличен начин Украинската Православна Црква ја нарекува „црковно присуство под Онуфриј“.
Во врска со другите помесни црковни јурисдикции во САД, кои ги нарекува „присуства“, Архиепископот Елпидофор јасно кажува: „Вселенската Патријаршија и нејзините претставници претставуваат пречка за барањата на таканаречената автокефална ’Православна црква во Америка’ да постигне признавање на својата ’автокефалија’, и на другите присуства овде да ја узурпираат улогата и позицијата на Вселенската Патријаршија.“

