На 22 септември 2025 година, Цариградскиот Патријарх Вартоломеј и Украинскиот Претседател Зеленски се сретнаа во срдечна атмосфера во Њујорк, во седиштето на Украинската мисија при Обединетите Нации.
Патријархот Вартоломеј го поздрави претседателот Зеленски со зборовите: „Слава Украини (Слава на Украина)“, на што тој одврати „Героем слава (Слава на хероите)“.
Понатаму, во разговорот Патријархот му посака храброст и сила на украинскиот народ во неговата борба, а Претседателот му заблагодари на Патријархот за поддршката кон народот и војниците на Украина, според информацијата од Цариградската Патријаршија.
Во фокусот на разговорите, според соопштението на украинското претседателство, беше и црковната состојба во Украина, при што претседателот Зеленски побара продолжување на развојот со Цариградската Патријаршија, а разговараа и за „деструктивното влијание на Руската Црква и значењето од заедничкото справување со него“ – како што пренесуваат грчките црковни медиуми. Украинскиот претседател, според истото соопштение, „информираше за заштитата на верската слобода во Украина. Потврди дека во нашата земја нема верски прогон. Но, истовремено, не треба да постојат врски со државата-агресор“.
Според „Ортодокс Обсервер“, претседателот Зеленски упатил покана до Патријархот да ја посети Украина, нагласувајќи ја важноста на духовната и моралната поддршка. Патријархот Вартоломеј му подари на украинскиот лидер книга за Украина, напишана од Архиепископот Американски од Цариградската Патријаршија г. Елпидофор.
