На покана од неговата светост, Цариградскиот патријарх г.г. Вартоломеј, од 20 до 23 ноември годинава, во Истанбул се одржува годишната седница на Комитетот на претставници на Православните цркви при Европската унија (CROCEU).
Претставниците на Православните цркви во Европската унија традиционално ги одржуваат своите состаноци во различни земји, а низ годините вакви средби биле организирани на покана од локалните православни цркви на Романија, Грција, Кипар и Русија.
По повод празникот Воведение на Пресвета Богородица, според новиот календар, членовите на Комитетот, составени од митрополитите: Западно и Јужноевропски при Романската патријаршија г. Јосиф, Белгискиот г. Атинагора при Цариградската Патријаршија, Западно и Јужноевропски при Бугарската патријаршија г. Антониј и епископот Танагриски г. Апостол од Православната црква на Грција, присуствуваа на вечерната богослужба во Патријаршискиот храм во Фанар, каде што чиноначалствуваше Цариградскиот патријарх.
Потоа, Неговата Светост ги прими членовите на Комитетот, упатувајќи им добредојде и изразувајќи ја својата поддршка за нивната работа. „Постојано сум информиран и длабоко го ценам вашиот труд да ја претставите Православната црква со единствен глас пред Брисел“, изјави патријархот.
Во своето обраќање, Митрополитот на Белгија и егзарх на Луксембург и Холандија, г. Атинагора, како претседавач на Комитетот, му претстави на Патријархот дел од предизвиците со кои се соочуваат Православните цркви, како зачувување на древните христијански вредности и заштита на светоста на христијанското семејство. Беше дискутирано и за можностите за активно соработување со европските институции со цел поддршка на прашања од интерес за Комитетот. Покрај тоа, беше потврдена намерата за учество во пан-европски форуми за промовирање на религиската и духовната солидарност.
Во рамки на официјалната посета на Фанар, претставниците одржаа и работен состанок со Синодската комисија за европски прашања, под претседателство на Митрополитот Халкидонски г. Емануил.
На 21 ноември, архијереите сослужуваа со Цариградскиот патријарх на Божествената литургија во храмот на Архиепископијата во Истанбул. Во својата беседа, Патријархот ја истакна важноста на присуството на претставниците на Православните цркви во Европската унија: „Вашето присуство ги симболизира единството и соработката на православните христијани низ Европа и пошироко. Во контекст на современите предизвици, нашето единство е клучно за заедничко застапување на духовните и моралните вредности.“
Следниот ден, членовите на CROCEU ја посетија манастирот на Света Троица на островот Халки, каде што беа топло пречекани од епископот Арависоски г. Касијан, игумен на манастирот. Во манастирот се во тек обемни градежни работи, со надеж дека наскоро Теолошкото училиште ќе може повторно да функционира.