Цариградскиот Патријарх присуствуваше на миса по повод годишнината од изборот на Папата Франциск

Цариградскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, придружуван од архимандритот Аетиј, шефот на кабинет на Патријархот, во среда, 19 март 2025 година, одговори на поканата и отпатува до римокатоличката црква „Свет Дух“ во Истанбул, каде што присуствуваше на мисата што се одржа по повод 12-годишнината од изборот на Римскиот Папа Франциск. 

На мисата присуствуваа и Ерменскиот Патријарх во Турција г. Сахак Машалјан, како и претставници на други христијански заедници од Истанбул, членови на дипломатскиот кор и голем број римокатолички верници. 

Во своето обраќање, Патријархот Вартоломеј уште еднаш изрази топли и братски желби за брзо оздравување на Папата Франциск. 

Во друг дел од својот говор, тој се осврна на заедничката желба за одбележување на 1700-годишнината од свикувањето на Првиот вселенски собор во Никеја, токму во година кога датумот на Велигден ќе биде заеднички за сите христијани. Тој нагласи, меѓу другото, дека „различниот начин на пресметување на Велигден несомнено ја попречува можноста христијаните да имаат посилно и поверодостојно сведоштво во денешниот распарчен свет“.

Извор: https://ec-patr.org/ο-οικουμενικός-πατριάρχης-σε-λειτουρ-2/