Цариградскиот патријарх Вартоломеј: Нашата грчка православна традиција е извор на инспирација

Во вторник, 11 јуни 2024 година, Цариградскиот патријарх Вартоломеј молитвено присуствуваше на Божествената Литургија во Патријаршиската црква по повод чествувањето на светите и славни апостоли Вартоломеј и Варнава, именденот на Патријархот, според новиот календар, која ја служеше Високопреподобниот Протосингел Григориј.

На службата присутни беа архијереи од Цариградската патријаршија, Црквата на Грција и Ерусалимската патријаршија.

По оптустот, на Патријархот Вартоломеј му се обрати Митрополитот Халкидонски Емануил, од името на јерархијата на Патријаршискиот трон.

Потоа беседеше Патријархот, кој срдечно му се заблагодари на Халкидонскиот митрополит што „ја изрази љубовта и честа не само на присутните туку и на браќата епископи кои се молат оддалеку“. Тој им се заблагодари и на сите кои дојдоа да слават со него или му испратија честитки. Осврнувајќи се на празникот на апостолите Вартоломеј и Варнава, тој, меѓу другото, истакна дека Господовите апостоли „го објавија Евангелието на спасението на целото создание ’со големо трпение… со нелицемерна љубов, со проповедта на вистината, со сила Божја’ (2 Кор. 6, 4-7)“.

Потоа додаде: „’Апостолското дело’ е во срцето на животот и идентитетот на Црквата. Како што е наведено од Светиот и Голем собор на Православието (Крит 2016), тоа е ’животниот здив што Црквата го вдишува во човечкото општество, правејќи го светот Црква’ (Окружно послание, 6). Како што е напишано: ’Црквата е светлина, а само она што е светлина е Црквата’.

Ова е безвременската мисија на Црквата Христова. Се разбира, времињата и знаците на времињата се менуваат. Денес Црквата живее во поинаков свет кон кој таа мора да сведочи. Тоа е свет што таа не може да го игнорира или отфрли, ниту, се разбира, може целосно да се прилагоди на него.

Две клучни точки и насоченоста на апостолското сведоштво на Црквата денес се: 1) верност кон традицијата на вистината, која не е минато, туку живо и животворно присуство во Црквата, поточно самиот живот на Црквата , и 2) сегашните историски и културни реалности и знаците на времето.“

Патријархот Вартоломеј потоа ѝ се обрати на помладата генерација:

„Обраќајќи ѝ се на новата генерација, нагласуваме дека нашата грчка православна традиција е извор на инспирација, егзистенцијално збогатување и креативност. Тоа го изострува нашето чувство за вистина и значењето на жртвата и на службата, на високите вредности кои секогаш претпоставуваат самонадминување и насоченост кон општото добро. Никогаш во човечката историја духовните вредности не биле земани здраво за готово. Ова е многу благовремено запазување денес кога постои широко распространето верување дека одговорноста, слободата, правдата и мирот автоматски ќе произлезат од напредокот на науката и технологијата, економскиот развој и онлајн комуникацијата. Вистината, сепак, е прилично поинаква.“

На крајот од својот говор Патријархот им се заблагодари на архијереите, на своите соработници и „на сите кои ја поддржуваат Мајката Црква“. По Божествената Литургија, тој во Патријаршијата ги прими поздравите и празничниот подарок од чесната јерархија на Патријаршискиот трон во Турција.

„Потоа, монасите од Светиот манастир на Чесниот Претеча – Бигорски од Охридската Архиепископија на Вселенскиот Патријарх му ги пренесоа топлите желби и почит на нивниот игумен, епископот Антаниски Партениј и неговото братство“ – известува информативната служба на Цариградската Патријаршија.

Извор: https://ec-patr.org/οικουμενικός-πατριάρχης-η-ελληνορθό/