Цариградскиот Патријарх Вартоломеј постави Патријаршиски егзарх во Литванија

Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, во Неделата на Сите Светии, на 7 јуни 2026 година, присуствуваше на богослужбата во храмот „Света Троица“ во монашкиот комплекс Тринаполис во главниот град на Литварнија, Вилнус. На службата, Патријархот го назначи епископот Тамиски Панарет за Патријаршиски егзарх во Литванија и официјално го воведе во таа должност – известува интернет страницата на Цариградската Патријаршија.

Во своето обраќање по тој повод, помеѓу останатото, Патријархот, зборувајќи за новопоставениот егзарх, нагласи: „Неговото длабоко и целосно познавање на рускиот јазик, како и способноста да ги извршува светите богослужби на црковнословенски јазик и според словенскиот типик, претставуваат мост на утеха и канал на заедништво за повеќејазичното и длабоко рането стадо во балтичките земји“.

На Божествената Литургија, покрај многубројните православни верници, присуствуваа и римокатоличкиот бискуп на Вилнус Гинтарас Грушас, Ватиканскиот нунциј во трите балтички земји Георг Генсвајн, како и амбасадорите на Грција, Молдавија, Романија и Украина.

Попладнето истиот ден, Патријархот со својата придружба оствари протоколарни посети на амбасадите на Турција и Грција. Вечерта присуствуваше на свечена вечера приредена во негова чест од римокатоличкиот бискуп на Вилнус во неговата резиденција, со учество на римокатоличките бискупи во земјата и апостолскиот нунциј.

Извор: https://ec-patr.org/07/06/00/10/o-oikoymenikos-patriarchis-stin-lithoy/