Цариградскиот Патријарх Вартоломеј се сретна со Римскиот Папа Лав XIV во Ватикан

Цариградскиот патријарх Вартоломеј се сретна со Римскиот папа Лав XIV, на 19 мај 2025 г., во Ватикан. Во текот на нивната срдечна средба, Патријархот лично му честиташе на новиот Папа за неговиот избор и во разговорот, меѓу другото, нагласи дека е важно да се продолжи со промовирањето и продлабочувањето на теолошкиот дијалог меѓу двете Цркви, православната и римокатоличката, како и со нивната соработка по прашања од општествен интерес, како што се враќањето и преовладувањето на мирот во светот, поддршката на ближните кои страдаат и заштитата на природната средина. Тој се осврна и на братската комуникација и соработка што ја имаше со претходниот папа Франциск, со кого се сретна повеќе од десетпати.

Папата Лав XIV ја изрази својата благодарност до Патријархот Вартоломеј за неговото присуство на церемонијата по повод официјалниот почеток на неговата папска служба, а исто така ја нагласи и важноста на промовирањето на меѓухристијанскиот дијалог и соработка. Тој го увери Патријархот во својата силна желба да ја посети Турција, во текот на оваа година и во време што ќе биде одредено, за да ја одбележи заедно со него 1700-годишнина од свикувањето на Првиот вселенски собор во Никеја. Беше спомнато дека Цариградскиот патријарх го поканил претходниот папа Франциск по тој повод и ја повтори својата покана до неговиот наследник, папата Лав.

Цариградскиот патријарх му подари на папата Лав XIV икона на Богородица Одигитрија (Патеводителка), насликана за оваа цел на Света Гора, темјан подготвен од атонските монаси, како и свои книги. Папата му подари на Патријархот уметничка слика на Крштението Господово.

Потоа, Папата им посака добредојде и разговараше со претставниците на црквите и другите религии, кои присуствуваа на вчерашната миса за неговото востоличување и ги поздрави сите делегации.

Попладнето, Цариградскиот патријарх и неговата придружба ја посетија Амбасадата на Република Турција во близина на Квириналскиот дворец и беа примени од амбасадорката г-ѓа Елиф Чомоглу Улген и нејзините соработници.

Оттаму, Цариградскиот патријарх со својата придружба отиде во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што се помоли и положи бели рози на гробот на папата Франциск, а потоа даде изјави за медиумите на италијански, грчки и турски јазик.

На крај, Патријархот го посети Папскиот институт за ориентални студии, каде што студирал од 1963 до 1966 година, специјализирајќи канонско право.

Извор: https://vema.com.au/cordial-meeting-between-ecumenical-patriarch-bartholomew-and-pope-leo-xiv/