Цариградскиот патријарх Вартоломеј на 7 ноември годинава испрати писмо со топли честитки до новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, со кое му го честита изборот и му упатува желби за здравје, сила и успех во претстојниот втор мандат – известува интернет страницата на Цариградската Патријаршија. Во делот од писмото кој е објавен, Патријархот Вартоломеј истакнува:
„Препознавајќи ги огромните одговорности што го придружуваат едно такво лидерско место, се молиме Вашите одлуки да бидат водени од мудрост и сочувство, а и со силата што е потребна за да се одржи хармонијата и безбедноста во Вашата голема и богочувана нација.“
„Вселенската патријаршија, со својата историја и со непоколебливата посветеност на дијалогот и помирувањето, продолжува да биде цврст поддржувач на сите напори за поттикнување на мирот и меѓусебното разбирање на народите со различни култури и верувања. Се надеваме дека, под Вашето водство, Соединетите Држави ќе продолжат да ја бранат каузата за верска слобода и човечко достоинство – вредности кои се во длабока согласност со православното христијанско предание и со сите верски заедници.“
Извор: https://ec-patr.org/συγχαρητήριο-γράμμα-του-οικουμενικο-3/