Чинот на слегувањето на благодатниот оган во Ерусалим ќе се изврши редовно

Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски г.г. Теофил III даде сигурно ветување: традиционалниот чин на слегувањето на благодатниот во храмот на Гробот Господов ќе се одржи на 11 април, на Велика сабота, во пресрет на Православниот Велигден.

На средба со свештенството Патријархот изјави дека дури и ако вратите на храмот останат затворени за поклониците и верниците поради безбедносни причини, чинот ќе се изврши. Ова го соопштија извори од Ерусалимската патријаршија.

„Ако состојбата остане како што е сега — односно, вратите на Храмот на Гробот Господов се затворени поради безбедносни причини поврзани со ситуацијата во Израел — чинот на благодатниот оган ќе се одржи на Велика Сабота“, го цитираат претставници на Патријаршијата Патријархот Теофил III.

Оваа изјава стана значаен знак на надеж за милиони православни христијани ширум светот кои секоја година со нетрпение го очекуваат ова чудо — симбол на Христовото Воскресение. Во последните недели, храмот на Гробот Господов беше затворен за јавноста поради ризици поврзани со регионалните тензии, што предизвика стравувања за можно откажување на службите. Сепак, ставот на Патријархот ја нагласува стабилноста на духовната традиција дури и во најтешките моменти.

Чинот традиционално се одржува во Кувуклијата (параклисот над Гробот Господов), каде што Патријархот Ерусалимски влегува со изгасени свеќи и излегува со нив запалени. Годинава, чинот најверојатно ќе се одржи во затворен формат — со учество само на свештенство, без масовно присуство на поклоници.

Извор: https://eeod.gr/news/86811-patr-thefilos-kanonik-i-af-tou-agou-fots-to-meglo-svvato