Чудотворната Хавајска Богородична икона во Цирих

Во петокот на 19 октомври / 1 ноември 2024 година, на денот на споменот на св. Јован Кронштатски, во Руската задгранична Црква во Цирих беше свечено пречекана чудотворната мироточива „Хавајска“ – Иверска икона на Пресвета Богородица. Иконата која пристигна во Европа од Северна Америка беше севечено пречекана од Неговото Преосвештенство епископот Лондонски и Западно-Европски Иринеј, кој срдечно го поздрави придружникот на светињата, јерејот Нектариј Јангсон, свештеник на парохијата на Руската Загранична Црква на Хавајските острови, и му посака добредојде во епархијата.

Се работи за прва посета на иконата во оваа епархија. По братски договор меѓу епископот Иринеј и митрополитот Корсунски Нестор, Егзарх за Западна Европа на Руската православна црква, во парохијата „Воскресение Христово“ на Корсунската епархија, во самото срце на градот Цирих, беше извршен молебен пред Хавајската икона. Чинот го предводеше владиката Иринеј заедно со свештенството од двете епархии, а на крајот од молебенот свештенството и верниците заедно извршија литија низ градот, од парохијата на Корсунската епархија до храмот „Покров на Пресвета Богородица“ на Руската задграничната Црква, каде молитвите пред иконата продолжија со пеење на Акатистот на Пресвета Богородица.

Стотици и стотици верници се слеваа во храмовите и на улиците на Цирих, исполнувајќи го не само внатрешниот простор на црквите, туку и собирајќи се во дворовите и на отворените простори — такво мноштво претходно не било забележано – известува интернет страницата на епархијата. Поклоници пристигнаа од Романија, Германија, Србија, Ирска, Украина и од цела Европа за да присуствуваат на овој настан. Многу солзи радосници беа пролеани пред драгоцената икона на Мајката Божја, и стотици верници беа помазани со миро, кое течеше од иконата за време на богослужбите во Цирих.

По Акатистот за свештенството од двете парохии беше организирана заедничка трпеза, додека верниците продолжија да доаѓаат во толпи за да се помолат пред чудотворната светиња.

Извор: https://orthodox-europe.org/content/hawaiian-icon-in-zurich/