Архијерејскиот Собор на Руската задгранична Православна Црква кој се состана во манастирот „Св. кнегиња Елисавета“ во Германија, во присуство на чудотворната Курско-коренска икона Богородична „Знамение“, а по повод 100 годишнината од основањето на својата прва епархија, токму во Германија, на крајот од своето заседавање упати пастирско послание до архипастирите, свештенството, монаштвото и верните чеда на задграничната Црква.
Во своето послание архијереите предупредуваат на сè посилната секуларизација, замаглувањето на моралните вредности и слабеењето на верата во современото општество. Тие ги повикуваат верните да останат цврсти во православната вера и да ги чуваат духовните традиции на Руската задгранична Црква.
Особено внимание во посланието е посветено на духовниот живот, редовната молитва, покајанието, учеството во светите тајни и читањето на Светото Писмо и делата на Светите Отци. Архиереите нагласуваат дека парохиите треба да бидат живи заедници, а семејствата — прибежишта на христијанската љубов.
Соборот изразува и длабока загриженост поради војните и страдањата во светот, особено поради „братоубиствената војна меѓу христијани од истата крштелна купел на Киевска Рус“, повикувајќи на засилена молитва за мир, прекин на крвопролевањето и победа на Божјата вистина.
Во рамки на заседанието била разгледана и темата за современите биоетички предизвици. Архијерејскиот Собор објави формирање на специјална биоетичка комисија, која ќе подготвува пастирски насоки за свештенството и верниците во однос на новите биомедицински технологии.
Посебен акцент е ставен и на воспитувањето на младите, при што архијереите предупредуваат на опасностите од некритичкото користење на интернетот и модерните средства за комуникација, кои можат да го оттурнат човекот од молитвата и живото црковно општење.
Соборот, исто така, го благословил започнувањето на процесот за црковно прославување на познатиот православен духовник јеромонах Серафим (Роуз), поради неговиот праведен живот и духовно наследство.
На крајот од посланието, архиереите ги повикуваат сите православни христијани во дијаспората да останат верни на Христос, да ги исполнуваат Божјите заповеди и со својот живот да сведочат за Евангелието.
„Навистина, Христос воскресе!“, се вели во завршницата на посланието на Архијерејскиот Собор на Руската задгранична Православна Црква.
Во продолжение го пренесуваме преводот на ова послание.
Послание на Архијерејскиот Собор до сите архипастири, пастири, монаштво и верни чеда на Руската задгранична Православна Црква
Христос воскресе!
Возљубени во Господа, архипастири, чесни свештеници и ѓакони, преподобни монаси и монахињи, драги браќа и сестри: „Благодат вам и мир од Бога, Отецот наш, и Господ Исус Христос“ (1Сол. 1, 1).
По милоста Божја, ние, архипастирите на Руската задгранична Православна Црква, собрани на Архиерејски Собор во присуство на Игуманијата на Руската Дијаспора, Курско-Коренската Икона на Мајката Божја „Знамение“, во Манастирот на преподобната новомаченичка Велика Кнегиња Елисавета, и собрани по повод стогодишнината на Германската епархија — првото упориште на Руското Православие во дијаспората, по кое следувало формирањето и на други епархии за пастирска грижа за стадото во дијасопрата — ви се обраќаме со следнава порака.
Сите гледаме како се засилуваат процесите на секуларизација, како се замаглуваат моралните ориентири и како верата слабее во многу срца. Во такви тешки услови особено е важно да се сочува верноста кон Православието и кон традициите на Руската задгранична Црква, а исто така да се следи побожноста на нашите татковци и основачи. На тоа нѐ потсетуваат зборовите на апостолот и евангелист Јован: „Биди верен до смрт, и ќе ти дадам венец на животот“ (Откр. 2, 10).
Препознавањето на таквата верност и светост е постојан процес во животот на Црквата. Одговарајќи на бројните молби на верните, Архијерејскиот Собор, откако го препозна праведниот животен пат на блаженоупокоениот јеромонах Серафим (Роуз), го благослови започнувањето на процесот за негово црковно прославување меѓу редот на нашите преподобни отци.
Во овие светли пасхални денови, чувствувајќи ја особената милост и благодат кои се предвкус на вечната радост во Царството Небесно, сите ве повикуваме на внимателен и буден духовен живот: на редовна молитва, на покајание, на примање на Христовите Свети Тајни, на учество во богослужбите и на читање на Светото Писмо и делата на Светите Отци. Нашите парохии треба да бидат живи заедници, а нашите семејства прибежишта на христијанската љубов.
Со болка ги согледуваме страдањата на луѓето во различни земји на овој свет: војните, конфликтите и прогоните што се водат против христијаните, а всушност и против сите што сега поднесуваат многубројни страдања — особено во братоубиствената војна што се води меѓу христијани од истата крштелна купел на Киевска Рус. Во овој момент ве потсетуваме на потребата од засилена молитва за мир, за престанок на крвопролевањето, за оние што страдаат, за оние што тагуваат и се обременети, и за победа на Божјата Вистина. Секој од нас е повикан да биде носител на Христовиот мир и љубов во својот живот, а исто така да ги следи зборовите на апостол Павле: „трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врската на мирот“ (Ефес. 4, 3).
Архијерејскиот Собор ја признава сложеноста на современите биоетички прашања и потребата од пастирска заштита на човечката личност. Новите биомедицински технологии му даваат на човекот можност сам да ги определува границите на животот и смртта. Но во тоа лежи голема духовна опасност. Затоа Архијерејскиот Собор на Руската задгранична Црква основа биоетичка комисија, задолжена да им даде јасни насоки и на пастирите и на верниот народ.
Особено внимание во наше време треба да му се посвети на воспитувањето на младата генерација што расте во нашата Црква. Современите средства за комуникација, особено интернетот, станаа составен дел од човечкиот живот; но неопходно е тие да се користат со расудување и за духовна полза. Ги предупредуваме сите на непромислено и некритичко потопување во дигиталната средина, која толку лесно може да го одвлече човекот од внатрешниот живот, од молитвата и од живото црковно и човечко општење.
На Соборот беше одобрено создавањето на добротворен фонд за помош на свештенослужителите и членовите на нивните семејства што се во потреба, кој, со помош на парохиските совети, во блиска иднина ќе биде воспоставен на епархиско ниво.
Им се обраќаме на сите верни чеда на Православната Црква што живеат во дијаспората: чувајте ја православната вера. Следете ги Божјите заповеди. Истрајувајте во добри дела. Нека вашиот живот стане живо сведоштво за Евангелието пред луѓето околу вас. Бидете цврсти во верата, укрепувајте се со надеж во Господа и не отстапувајте од патот на спасението.
Го призиваме Божјиот благослов врз сите вас.
Навистина, Христос воскресе!
22 април / 5 мај 2026 година
Извор: https://synod.com/synod/2026/20260505_poslaniyesobora.html
