На 7 септември 2025 година, во 13-та недела по Педесетница, кога Руската Православна Црква го празнува Соборот на московските светители, Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус Кирил отслужи Божествена литургија во соборниот храм „Христос Спасител“, во Москва.
По завршувањето на Литургијата, Предстоителот на Руската Православна Црква се обрати кон паствата со Првосвештеничко слово, посветено на почетокот на московската литиска поворка од соборниот храм до Новодевичкиот ставропигијален манастир.
Потоа, Патријархот ја предводеше литиската поворка со молебно пеење кон московските светители. Во литијата учествуваа архијереи и свештеници, монаси и монахињи, членови на општествени организации и многубројни верници. Вкупно во литиската поворка учествуваа неколку десетици илјади луѓе.
Со пристигнувањето на поворката до ѕидините на Новодевичкиот манастир, беше завршено молебното пеење кон московските светители.
По завршувањето на богослужбата, Неговата Светост Патријарх Кирил им се обрати на верните со Првосвештеничко слово:
„Мои драги, од сè срце ви го честитам прекрасниот празник, московски и на цела Русија! По молитвите на свети Тихон, по молитвите на многуте подвижници на нашата земја, особено на оние што пострадаа во XX век, да се зацврсти православната вера во нашиот народ.
Се радувам гледајќи денес толкаво мноштво народ, голем број млади луѓе, претставници на православни општествени организации. Сето ова сведочи дека веќе поминавме голем пат на возобновување и обновување на црковниот живот.
Дај Боже и понатаму, со смирение, со надеж во Божјата волја, со молитвите на светите што засветлија во руската земја, да продолжиме по овој пат на спасението за наше добро — бидејќи спасението е најголемото добро — и за добро на нашата Црква и нашата татковина. Ви го честитам празникот на сите!“
Општомосковската литиска поворка кон Новодевичкиот манастир е една од најстарите и најзначајните во историјата на Руската Православна Црква. Историјата на поворката од Кремљ кон Новодевичкиот манастир е поврзана со пренесувањето на Смоленската икона на Пресвета Богородица. Имено, древната икона кон крајот на XIV век била пренесена во Москва и поставена во Благовештенскиот собор во Кремљ, од каде подоцна била вратена во Смоленск по барање на неговите жители. Иконата свечено ја испратиле надвор од градот, а во кремљовскиот храм останал точен препис на иконата.
На 13 мај 1524 година, големиот кнез Василиј III, во чест на заземањето на Смоленск во 1514 година, го основал Новодевичкиот манастир на местото на разделбата со чудотворната икона на брегот на реката Москва. На 28 јули 1525 година, по негова заповед, од Благовештенскиот собор на московскиот Кремљ во манастирот била свечено пренесена иконата на Богородица „Одигитрија Смоленска“. Повoрката ја предводеле самиот Василиј III и митрополитот Даниил. Во спомен на тоа настан бил востановен годишен празник со литиска поворка од Кремљ до Новодевичкиот манастир.




































