Грчките црковни медиуми објавија дека се пронајдени моштите на светата новомаченичка Злата Мегленска. Моштите биле пронајдени во близина на урнатините на стариот храм посветен на Успението на Пресвета Богородица, во тврдината на селото Слатино, Мегленско. Според научната експертиза извршена во специјализирани лаборатории во Германија, пронајдените коски припаѓаат на млада жена, на возраст од околу 17 години, а годината на нејзината смрт била 1795 година, како што сведочи и нејзиното житие.
Грчката Црква по неколку дена, поточно на 13 октомври, ќе го одбележи споменот на света Злата Мегленска, која пред страшните мачења од страна на Турците не се одрекла од Христа и од православната вера. Овогодишното празнување ќе има посебен карактер, бидејќи на тој ден ќе биде извршено и пренесувањето на светите мошти, за што Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Едески, Пелски и Алмопски г. Јоил од Црквата на Грција со посебна окружна посланица ги известува свештенството и народот.
„Му благодариме и Го прославуваме Бога за големиот благослов што ни го дарува два века по славното и страшно мачеништво на Светата, во денови на големи духовни предизвици и искушенија, и поттикнуваме да прибегнеме кон нејзините свети молитви и кон благодатта на нејзините свети мошти“, меѓу другото истакнува Неговото Високопреосвештенство.


Света Злата е родена во селото Слатина (денешна Хриса). Нејзиниот татко бил сиромашен и имал четири ќерки. Злата била убава и по тело и по душа.
Еднаш, додека била заедно со други жени на нивите и собирала дрва за огрев, ја грабнал еден Турчин и ја однел во својот дом. Турчинот се обидел со ласкање да ја преобрати во ислам и да ја земе за жена. Но Злата се спротивставила и храбро одговорила: „Јас единствено Христа Го познавам за свој Младоженец, од Кого нема да се одречам дури и ако ме исечеш на парчиња“.
Родителите и роднините на Злата, под принуда на Турците, ја молеле да го прифати исламот за да се спаси. Но великодушната Злата им одговорила: „За татко Го имам мојот Господ Исус Христос, за мајка – Госпоѓа Богородица, а за браќа и сестри ги имам светителите на нашата Црква“.
Поради цврстината на Злата, Турците прибегнале кон страшни мачења. На крајот, на 13 октомври 1795 година, го исекле нејзиното тело со ножеви и така таа достојно го примила венецот на мачеништвото од Младоженецот Христос.
