Црква на Кипар: Европа и другите христијански земји повеќе се грижат да не бидат обвинети за исламофобија отколку да ги заштитат христијаните во Сирија

Светиот архијерејски синод на Црквата на Кипар се состана денес, понеделник, на 24 март 2025 година, на вонредна седница, под претседателство на Неговото Блаженство Архиепископот на Кипар г.г. Георгиј. Помеѓу останатите точки на дневниот ред, Синодот ги разгледа последните случувања во Сирија, кои предизвикуваат силна загриженост за иднината на христијаните во соседната земја.

Во соопштението објавено на интернет страницата на Црквата на Кипар, помеѓу останатото, читаме:

„Насилството, притисоците, дискриминацијата и отворените масакри на кои систематски се изложени христијаните, веќе сериозно го намалија христијанското население во земјата. Станува, за жал, збор за геноцид кој е во тек во последната деценија, со драматично засилување во последните месеци, при што изгледа дека состојбата можеби ќе биде неповратна.

Ако не се случи меѓународна интервенција, ќе биде исклучително тешко христијаните во Сирија да опстанат на долг рок. Рамнодушноста на Европа, но и на другите христијански земји, кои повеќе се грижат да не бидат обвинети за исламофобија отколку да ги заштитат своите браќа христијан, ја влошува оваа состојба.

Антиохиската Патријаршија, која е древна, последниве години е сериозно погодена поради драматичното намалување на нејзиното православно паство. Воопшто, иднината на христијаните на Блискиот Исток изгледа мрачна. Затоа треба да се побара од моќните на овој свет решение што ќе трае во времето. Не може да се прифати бришењето на христијанството од местата каде првично се чу и се прошири евангелската порака и христијанството.

Кипарската Црква, која има свое искуство од прогоните на своето христијанско население од нивните прадедовски огништа, поради постојаната окупација на 37% од нивната татковинска земја, поради сквернавењето и уништувањето на повеќе од 560 храмови и поради зголемените закани за целосна окупација од страна на Турција, со сите свои сили ѝ изразува поддршка на сестринската Православна Црква на Антиохија и на христијаните од другите вероисповеди во регионот и Го моли Бога да ги закрепне и утеши христијаните во нивната мошне тешка состојба во која се наоѓаат денес.

Светиот Синод реши да спроведе собирање доброволни прилози во сите храмови на Кипар за поддршка на страдалните христијани во Сирија, на Петтата недела од Великиот пост, на 6 април 2025 година.“

Извор: https://churchofcyprus.org.cy/97260