Црква на Кипар: избран нов митрополит на Пафос

Заврши постапката за пополнување на испразнетиот трон на Пафос, со изборот на архимандритот Григориј Јоанидис за нов митрополит од страна на Синодот на Црквата на Кипар, откако беше разрешен митрополитот Тихик.

Според официјалното соопштение на главниот секретар на Светиот Синод, Георгиос Христодулу, новиот архијереј добил 11 позитивни гласови на тајното гласање, додека биле регистрирани 4 празни ливчиња и еден глас во корист на монахот Софрониј Стасину.

Преземањето на должноста е закажано за 11 јуни, кога ќе биде извршено и устоличувањето во митрополитскиот храм „Свети Теодор“.

Новиот митрополит, кој беше избран пред архимандритите Јован и Јован Теохарус, како и пред монахот Софрониј, поседува широко академско образование.

Тој е дипломец на Богословскиот факултет на Универзитетот во Атина, а магистерските и докторските студии од областа на литургиката ги завршил на Pontificio Istituto Orientale во Рим.

Воедно, бил и постдокторски истражувач во центарот за византиски студии Dumbarton Oaks при Универзитетот Харвард, каде што се занимавал со византиската литургиска традиција на Кипар преку проучување на ракописи.

Неговото научно-истражувачко дело е насочено кон историјата и теологијата на христијанското богослужение. Тој е активен член на меѓународни и локални научни здруженија, а дал и значаен придонес во евидентирањето и обновувањето на црковното наследство на Митрополијата Тримитунтска.

Извор: https://orthodoxia.info/news/neos-mitropolitis-pafoy-exelegi-o-arch/?fsp_sid=4280