Светиот Синод на Православната Црква на Чешките земји и Словачка се состана во Прешов, Словачка, на 28 јануари, под претседателство на Неговото Блаженство Митрополитот Растислав. Меѓу другите прашања, архијереите ја разгледаа и ситуацијата во Сирија.
Архијереите ја земаа предвид заедничката декларација на Неговото Блаженство Патријархот Антиохиски и на целиот Исток Јован, и на другите христијански лидери во Сирија, која беше приложена кон писмото од антиохискиот претстоител од 22 јануари, и изјавија:
Изразуваме братска солидарност и поддршка на Неговото Блаженство, Патријархот Антиохиски и на целиот Исток, Јован, на сите епископи, свештенството и верниците на Антиохиската Патријаршија, како и на другите древни христијански цркви на Блискиот Исток. Со болка и длабока тага ги следиме трагичните настани и постојаното насилство во овој регион. Остро ги осудуваме сите форми на екстремизам, тероризам и насилство што водат до уништување на свети места и човечки живеалишта, до раселување на населението и до губење на човечки животи. Овие дејства ги сметаме за неприфатливи не само од почит кон Божјиот лик во човекот и заповедта за љубов кон ближниот, туку и од аспект на основните човекови права и слободи, како и на неизмерната вредност на секој човечки живот.
Се придружуваме во молитвите за што поскоро запирање на воените конфликти и за воспоставување на траен мир на местата што се поврзани со животот на нашиот Спасител, делото на Неговите Апостоли и ширењето на христијанската вера низ светот.