Синодот на Црквата на Кипар го одобри вклучувањето на нови тропари во статиите на Велики петок. Одлуката беше донесена на седницата од 14 јануари 2026 година, по предлог на архиепископот Георгиј, како што известивме.
Книгите со новите додатоци веќе се отпечатени и годинава ќе се користат на богослужбите на Црквата на Кипар.
На крајот од секоја од трите статии се додадени по четири нови тропари. Сите тие се посветени на окупацијата на северниот дел од островот и содржат молитвени прозби за ослободување на татковината и изгонување на турските окупатори. Синодот им препорача на заедниците што имаат традиција да ги пеат сите статии во целост, да ги вклучат новите тропари во богослужбената практика.
На крајот од првата статија се содржат прозби „брзо да се избави од лукавото ропство“ народот што престојува на Кипар, да се врати во татковските домови и живеалишта „на оние што го почитуваат славното Твое погребение“, како и наскоро да се изгонат „потомците на Агар“ (односно Турците).
Во тропарите од втората статија има молба „да се види воскресението на татковината Кипар“ како што е „Твоето тридневно воскресение“.
Во третата статија авторите на тропарите Му се обраќаат на Христос со молба побрзо да воскресне и да ги раскине оковите на ропството што го врзало Кипар, како и „да се види слободата од потомците на Агар“.
„Со Твоето воскресение, Слово, да го видиме и воскресението на татковината – просиме“, се вели во тропарот.
Како што произлегува од воведниот текст на изданието, авторите на текстовите тргнале од тоа дека во емотивно исполнетата атмосфера на ова богослужение верниците подлабоко ќе ја осознаат опасноста на која е изложен Кипар и ќе принесат поревносни молитви „за избавување од поробувањето од туѓинци“.
