Црквата „Сите Светители“ од Антиохиската Православна Архиепископија во Роли, Северна Каролина, САД во неодамнешно видео на социјалните мрежи објави дека на 14 септември биле примени 50 нови катихумени. Со оваа најнова група, вкупниот број на катихумени во црквата се искачи на 164. Парохијата претходно прими 38 катихумени во јуни годинава, а и покрај тоа што во август беа извршени крштевки и на Велика Сабота беа примени 14 лица, бројот на катихумените продолжува да расте. Според распоредот на парохијата, следната групна крштевка е закажана за 27 септември.
Парохијата, предводена од о. Дејвид Вин, е дел од Антиохиската Епархија на Мајами и Југоистокот и брои над 300 активни членови кои редовно учествуваат на богослужби и парохиски активности.
„Сите Светители“ нуди широк спектар на служби и активности, вклучувајќи машка и женска група, програми за млади, служба за млади возрасни, како и различни активности со хуманитарен карактер. Црквата исто така одржува образовни програми како Неделно училиште и „Детско катче“, заедно со литургиски служби како што се хор, уредување со цвеќе и печење просфори.
Дополнителни служби вклучуваат огранок на „Св. Јован Милостиви“ за социјална помош, како и групи за шиење и плетење, парохиска книжарница и др.
Растот на парохијата „Сите Светители“ го одразува поширокиот тренд на зголемен интерес за Православното Христијанство во Америка и на Запад воопшто, каде што илјадници луѓе се приклучуваат на Православната Црква во последниве години.

Извор: https://www.allsaintsnc.org/ преку: https://orthochristian.com/172694.html
