Неговото Блаженство Ерусалимскиот Патријарх г.г. Теофил, заедно со поглаварите на останатите цркви во Светата земја на 14 февруари 2025 година, во светло на најновиот развој на настаните поврзан со појасот Газа, го издадоа следниот трогателен повик за зачувување на човечкото достоинство на населението на Газа и нивното присуство на родното место.

Како чувари на христијанската вера и совеста во оваа света земја, го креваме својот глас со тага и непоколеблива решителност пред постојаните страдања во Газа. Разорувањето што се одвива пред очите на светот е длабока морална и хуманитарна трагедија. Илјадници невини животи се загубени, цели заедници се во урнатини, а најранливите—децата, старите и болните—поднесуваат незамисливи тешкотии.
Среде оваа агонија, повикани сме да проговориме против големата закана од масовно раселување, неправда што удира во самото срце на човечкото достоинство. Народот на Газа, семејства што живееле со генерации на земјата на своите предци, не смеат да бидат присилно протерани, лишени од тоа што останало од нивните домови, нивното наследство и нивното право да останат на земјата што ја сочинува суштината на нивниот идентитет. Како христијани, не можеме да останеме рамнодушни кон таквото страдање, зашто Евангелието нè повикува да го поддржуваме достоинството на секое човечко суштество. Зборовите на нашиот Господ нè потсетуваат: „Тешко на оние што носат неправедни закони, што издаваат угнетувачки наредби, за да ги лишат сиромашните од нивните права и да ја ускратат правдата на угнетените.“ (Исаија 10, 1-2)
Во овој критичен момент, ја признаваме и поддржуваме позицијата на неговото величество кралот Абдула II од Јордан, претседателот Ел-Сиси од Египет и други, чии јасни и непоколебливи ставови останаа доследни во отфрлањето на секој обид за присилно протерување на народот на Газа од нивната земја. Нивните неуморни напори за хуманитарна помош, повикот до совеста на светот и инсистирањето на заштитата на цивилите ја покажуваат највисоката форма на одговорно лидерство.
Во ист дух, повикуваме и на ослободување на сите заробеници од двете страни, за да можат безбедно да се обединат со своите семејства. Дополнително, апелираме до сите луѓе на верата, до владите и до меѓународната заедница да дејствуваат брзо и решително за да се стави крај на оваа катастрофа. Не смее да има оправдување за прогонувањето на луѓе што веќе претрпеле неизмерни страдања. Светоста на човечкиот живот и моралната обврска за заштита на беспомошните треба да надвладеат над силите на уништувањето и очајот. Бараме итен и непопречен хуманитарен пристап до оние што очајно им е потребна помош. Да ги напуштиме сега би значело да ја напуштиме нашата заедничка човечност.
Додека ги подигнуваме своите молитви за оние што тагуваат, за ранетите и за оние што остануваат истрајни во земјата на своите предци, се сеќаваме на ветувањето од Светото Писмо: „Господ ги поткрева сите што паѓаат и ги издигнува сите што се понижени.“ (Псалм 145, 14). Нека Бог на милосрдието ги зајакне страдалните, нека ги омекне срцата на оние што држат моќ и нека донесе мир што ја почитува правдата, го зачувува човечкото достоинство и го штити присуството на сите луѓе на земјата каде што припаѓаат.
—Патријарсите и поглаварите на Црквите во Ерусалим
Извор: https://en.jerusalem-patriarchate.info/announcements/79743/