Црквите во Ерусалим бараат упатства од Израел за Благодатниот оган

Напнатата состојба на Блискиот Исток и засилената атмосфера на несигурност што владее доведоа до неизвесност кај христијанските Цркви во врска со претстојното празнување на Велигден во светиот град Ерусалим. Сепак, за да не се соочат со свршен чин од страна на израелската полиција, претстоителите и поглаварите на црквите во светиот град преземаат навремени мерки.

Според ексклузивни информации на грчкиот црковен портал „Ортодоксија“, пред кратко време итно заседавал Советот на поглаварите на Црквите под претседателство на Ерусалимскиот патријарх г.г. Теофил, при што било донесено решение да се испрати писмо до премиерот на Израел, Бенџамин Нетанјаху, и до министерот за надворешни работи, Гидеон Саар. Во писмото се бара јасен одговор во врска со претстојните празнувања и богослужби, бидејќи во христијанскиот свет веќе постои голема вознемиреност околу тоа што ќе се случи со церемонијата на Светиот Оган.

Според истите ексклузивни информации на „Ортодоксија“, писмото веќе е испратено до израелските власти. Во него исто така се бара богослужбите да се одржат нормално, бидејќи информацијата што се шири последниве денови во Израел — дека ќе им биде дозволен влез на само 50 лица на Велика сабота за време на слегувањето на Благодатниот оган — продолжува да предизвикува загриженост кај Братството на светиот гроб, но и кај другите христијански заедници.

Сето ова се случува во период кога ситуацијата е крајно неизвесна, а светиот град, покрај празнувањето на христијанскиот Велигден, се подготвува да ја одбележи и еврејската Пасха. Сепак, сè останува неизвесно и со голема вознемиреност се очекуваат официјалните упатства од државните власти, за да можат отците да пристапат кон прецизно утврдување на богослужбите.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/patriarxio_ierosolimon/oi-arxigoi-ton-xristianikon-ekklision-stin-ierousalim-zitoun-ameses-odigies-apo-to-israil-gia-to-agio-fos/