Делегација на Цариградската патријаршија кај самопрогласениот Украински Патријарх Филарет

Делегација на Цариградската патријаршија на 23 август 2024 година, се сретна со самопрогласениот Патријарх на Киев и на сета Рус-Украина, Филарет (Денисенко).


Филарет Денисенко е ракоположен во епископски чин во Руската православна црква во 1961 година и поставен за Архиепископ на Киев во 1969 година. Во 1990 година, по упокојувањето на Рускиот Патријарх Пимен, Филарет е местобљустител на патријаршискиот трон, односно вршител на дејноста Руски патријарх, и кандидат за нов Руски Патријарх. За нов Руски Патријарх е избран Алексеј II кој истата година издава Томос за самостојност (автономија) на Украинската православна црква, а Филарет добива титула „Митрополит Киевски и на цела Украина“. Филарет во 1992 бара автокефалност за Украинската црква, и откако не ја добива, формира нова црковна структура со име „Украинска православна црква – Киевска Патријаршија“, и се прогласува за Украински Патријарх. Истата година тој е расчинет од страна на Руската православна црква и таа одлука е прифатена од сите помесни Православни цркви, вклучително и од Цариградската патријаршија. Но, кога во 2018 година Цариградската патријаршија прави обид да ги обедини неколкуте православни црковни структури во Украина (од кои најголемата непризнаена црковна структура е токму Киевската Патријаршија на Филарет Денисенко), таа го враќа во чин, и го вклучува во новооформената „Православна црква на Украина“ (ПЦУ), а на чело на таа црква го поставува помладиот епископ Епифаниј (Думенко). Набргу потоа, Филарет изјавува дека е измамен со томосот од Цариградската патријаршија, според кој ПЦУ нема право на дијаспора, нема право да вари миро, а во уредувањето на нејзините внатрешни работи има влијание Цариградската патријаршија. Затоа тој се одвојува од ПЦУ и си продолжува да функционира како претстоител на „Украинската православна црква – Киевска Патријаршија“ со титула „Патријарх Киевски и на сета Рус-Украина“.


Делегацијата на Цариградската патријаршија која пристигна во Киев е составена од Високопреосвештените Митрополити на Винипег г. Иларион и на Писидија г. Јов, и од Патријаршискиот ѓакон, г. Епифаниј Камјанович.

Т.н. Патријарх Филарет топло ги поздрави почитуваните гости во својата резиденција и ја изрази својата благодарност за посетата на Украина и Киевската патријаршија.

За време на средбата беа разгледани неколку актуелни теми од црковниот живот, се дискутираше за ситуацијата поврзана со руската воена агресија против Украина, односите меѓу државата и црквата и дијалогот меѓу православните во Украина.

Митрополитот Иларион истакна дека делегацијата на Цариградската патријаршија пристигнала во Киев за да го поддржи украинскиот народ, државата и украинското православие во тешките искушенија на војната и да учествува во прославата на 33-годишнината од прогласувањето на независноста на Украина.

Од своја страна, т.н. Патријарх Филарет нагласи дека во овој тежок момент за Украина, кога се води војна од полн обем, народот и државата имаат потреба од единството на црквата и мирот повеќе од кога било.

„Во ваков тежок момент за Украина, постои голема потреба за единство и хармонија меѓу сите православни цркви во Украина. Ние сме должни да направиме сè што е можно за да го постигнеме единството на Црквата. И цврсто веруваме дека со Божја помош тоа е можно. Господ создава такви услови што нè обединуваат во една православна црква, која ќе биде силна духовна основа за нашата држава. Затоа, прво, треба да се молиме и да се надеваме на Бога, кој е извор на доброто, и второ, да започнеме дијалог и да имаме љубов меѓу нас. Без љубов и почит еден кон друг, не ќе можеме да направиме ништо, бидејќи љубовта е главната и обединувачка карактеристика на христијаните. Потоа, треба да свикаме сеукраински локален совет, кој ќе ги обедини трите гранки на православието“, изјави Патријархот Филарет Денисенко.

Делегацијата на Вселенската патријаршија се согласи дека за да се постигне единството, треба да преовладува љубовта и да започне дијалог. Исто така, истакнаа дека „Мајката Црква“ е заинтересирана да помогне во единството на Православната црква во Украина и да ги надмине тешкотиите.

На крајот, Патријархот Филарет побара да ги пренесат неговите поздрави на Неговата Светост, а во спомен на средбата, на почитуваните гости им подари печатени изданија од Киевската патријаршија.

Претходно, делегацијата имаше средба со Митрополитот Епифаниј, кој за време на разговорите го изрази својот интерес и подготвеност за праведен дијалог, без предуслови.

Извор: https://www.cerkva.info/news/sviatijshyj-patriarkh-filaret-zustrivsia-z-delehatsiieiu-konstantynopolskoho-patriarkhatu/ преку: https://www.romfea.gr/ekklisies-ts/ekklisia-tis-oukranias/64899-ston-patriarxi-filareto-i-antiprosopeia-tou-oikoumenikoy-patriarxeiou