На 5 ноември 2024 г., делегација на Цариградската патријаршија, предводена од Митрополитот Деркијски г. Апостол, го посети турскиот министер за образование, г. Јусуф Текин, во Анкара, по координација со надлежните органи – известува грчкиот црковен портал „Orthodox Times“.
Целта на посетата беше да се искаже благодарност на министерот Текин и на претседателот на Република Турција, г. Реџеп Тајип Ердоган, за нивниот интерес за повторно отворање на богословијата во Халки, која е затворена веќе 53 години.
Црковната делегација беше срдечно примена од министерот и неговиот тим. Беше потврдено дека Цариградската патријаршија има намера повторно да ја отвори богословијата како приватен вакуфски (фондациски) универзитет со два факултета, а не како училиште за свештеници (слично на училиштето Имам Хатип) како што претходно планираше државата.
Министерот ја изрази својата согласност со овој предлог и вети дека предлозите од Патријаршијата, заедно со разменетите идеи и мислења, ќе му ги пренесе на претседателот на Република Турција.