Делегација на Ерусалимската Патријаршија се сретна со Синајскиот Архиепископ Дамјан и братството на Синајскиот манастир

На 11 август 2025 година Ерусалимската Патријаршија објави соопштение по средбите на тричлената делегација на Ерусалимската Патријаршија со Архиепископот Синајски г. Дамјан во Атина, и со братството на Синајскиот манастир „Св. Екатерина“, на Синај. По драматичниот развој на настаните изминатиов период, кога братството на манастирот го разреши од игуменското место Архиепископот Синајски г. Дамјан, Архиепископот Дамјан ја оспори каноничноста на таа одлука и се обрати кон Ерусалимската Патријаршија, како повисока канонска инстанца, за разрешување на настанатиот спор.

Ерусалимскиот Патријарх прифати да се заземе за мирно решение, согласно со црковните канони, и испрати тричлена делегација која се сретна со двете спротивставени страни, по што Патријаршијата го објави следното соопштение:

Со татковска грижа на Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски Теофил III, по одговорот на односната молба, беше испратена тричлена комисија од Братството на Светиот Гроб, која по пристигнувањето оствари низа средби и разговори во Синај.

Комисијата што ја испрати Неговото Блаженство, по средбата со Синајскиот архиепископ г. Дамјан, отиде во Светиот Синајски манастир (како што беше должна, следејќи го црковниот ред и применувајќи ги светите правила кои ги одредува пастирската грижа на Ерусалимската Патријаршија во областа на нејзината духовна јурисдикција) и имаше долг разговор со почитуваните Отци кои таму живеат и служат многу години. Во духот на меѓусебно почитување, духовна обѕирност и длабока свесност за сериозноста на проблемите, а со благодатта на света Екатерина, заштитничката на манастирот, се одржаа темелни дискусии за тековните и претстојните прашања, со посебна почит за расудливоста и духовното присуство на комисијата и за клучната анализа што ја направи за решавање на ситуацијата.

Поради татковскиот интерес и грижа на Неговото Блаженство, како што се изразија претставниците на Братството на Светиот Гроб, а што беше прифатено со подготвеност и благодарност од Отците, беше нагласена важноста од координирана соработка со надлежните политички власти и зачувување на сите традиционално воспоставени статуси и посебни прописи на Манастирот низ вековите. Во однос на тоа, беше очигледно дека сите страни имаат подготвеност, преку мудроста на времето, да ги преиспитаат, ако е неопходно, дејствата што се потребни за зачувување и потврдување на законските права, во духот на спокојно помирување.

Отците, исто така, ја изразија својата постојана грижа и љубов кон Архиепископот на Синај, бидејќи неговата личност и служба се постојан дел од животот на Братството.

Заедничка волја е, како што беше изјавено, да се продолжи во духот на единство и свесна одговорност до утврдениот датум за Генералното собрание, каде што ќе бидат разгледани сите претходно поставени прашања, со цел да се донесе одлука во корист на Манастирот, според неговиот канонски поредок, во согласност со правилата на неговото дејствување.

Извор: https://en.jerusalem-patriarchate.info/announcements/update-following-the-meeting-of-the-committee-members-with-the-archbishop-of-sinai/