Делегација на Православната Црква во Америка во посета на Фанар, Софија и Белград

Во втората половина на февруари годинава, Неговото Блаженство Архиепископот Вашингтонски и Митрополит на сета Америка и Канада г.г. Тихон, Претстоителот на Православната Црква во Америка, назначи делегација за официјална посета на три автокефални православни цркви: Цариградската, Бугарската и Српската Патријаршија, заради одржување и натамошен развој на братските односи. 

Делегацијата, составена од протојереј Алесандро Маргеритино, секретар на Православната Црква во Америка и протојереј Александар Рентел, раководител на Православната богословија „Свети Владимир“ во Њујорк, на 19 февруари отпатуваа во Истанбул за посета на Цариградската Патријаршија.  Таму се сретнаа, помеѓу останатите, и со Високопреосвештениот Митрополит Емануил Халкидонски, и разговараа за односите меѓу двете цркви, можностите за соработка, Светскиот совет на црквите и прашањата поврзани со православието во Северна Америка. На 21 февруари делегацијата беше примена од Неговата Сесветост, Патријархот Вартоломеј со кого разговараа за различни теми, вклучително и за животот на Црквата во Северна Америка. 

На 24 февруари, делегацијата, на која ѝ се придружи Неговото Преосвештенство, Епископот Герасим од Форт Ворт, кој пристигна од Тексас, дојде во Бугарија, каде беше примена од Неговата Светост, Патријархот Даниил, во просториите на Патријаршијата. Разговорите опфатија теми од заеднички интерес, Православието во светот, можности за соработка, поклонички патувања и кризата во Украина.

На 26 февруари, делегацијата отпатува во Белград каде што се сретнаа со Неговата Светост, Патријархот Порфириј. Со него разговараа за теми како што се: животот и делото на Православната Црква во Америка, сеправославната соработка во Северна Америка, Собранието на епископи, Православието во светот, Македонската Православна Црква, значењето на единството во Црквата и кризата во Украина. Исто така, беше разгледана можноста за идна посета на Неговото Блаженство на Србија и средба меѓу Патријархот и Митрополитот во Вашингтон, кога ќе се организира патување во Америка. 

Извор: https://www.oca.org/news/headline-news/delegation-of-the-orthodox-church-in-america-completes-international-visits