Делегација од пет православни јурисдикции во САД разговараше со конгресмен за заштита на Украинската Православна Црква

На 18 ноември 2025 година делегација составена од претставници на пет православни јурисдикции во Соединетите Американски Држави разговараше со конгресмен за заштита на Украинската Православна Црква. Епископи, свештеници, монаси и мирјани на Православната Црква во Америка, Руската задгранична Православна Црква, Антиохиската Патријаршија, Српската Православна Црква и Цариградската Патријаршија се сретнаа со американската конгресменка Ана Паулина Луна за да зборуваат за прогонот на Украинската Православна Црква.

Средбата беше организирана од Здружението „Свети Јован Шангајски и Сан-франциски“ – сеправославно братство на православните христијани во САД. Од страна на архијереите, на средбата присуствуваа митрополитот Николај (од Руската задгранична Црква) и епископот Јован Абдала (од Антиохиската Патријаршија). Митрополитот Тихон (поглаварот на Православната Црква во Америка) беше претставуван од протоереј Давид Боземан, а Епископот Иринеј (од Српската Православна Црква) – од протоереј Василиј Враниќ.

Делегацијата ги замоли американските власти да помогнат во:

– укинување на антицрковниот закон бр. 3894;

– ослободување на митрополитот Арсениј Свјатогорски и другите затворени клирици;

– обезбедување медицинска помош за затворениците согласно меѓународните стандарди;

– запирање на мобилизацијата на клирици во вооружените сили.

Претставниците нагласија дека не се залагаат за запирање на воената помош за Украина, туку бараат воспоставување механизми кои ќе гарантираат дека странското финансирање нема да се користи за прогон на христијаните.

Во декември, Здружението на Свети Јован планира да донесе во Капитол неколку стотици православни христијани од целата земја за средби со членови на Конгресот по прашањето за заштита на канонската Црква во Украина.

Оваа средба предизвика критика од страна на конгресменот Џо Вилсон, кој претходно говореше за можноста од странско влијание. Луна остро му одговори на Вилсон на својот профил на Твитер/Х: „Лош пристап, Џо Вилсон. Тукушто се сретнав со повеќе православни црковни лидери (не само од Руската Православна Црква) кои бараат помош бидејќи владата на Украина ги затвора христијаните поради проповедање на својата вера. Тие ја бараа вашата помош, а вие вака постапувате? Дали навистина мислите дека парите на даночните обврзници треба да одат за прогон на христијани?“.

Во официјалното соопштение Луна информира дека во декември ќе организира средба на православни христијани од целата земја со членови на Конгресот.

Извор: https://uoj.news/en/news/85654-pan-orthodox-delegation-meets-rep-luna-to-urge-action-on-persecution-of-uoc