На 27 август годинава, во Патријаршиската сала на Катедралниот соборен храм „Христос Спасител“ во Москва, Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус Кирил ја прими делегацијата на Патријаршискиот егзархат на Африка, предводена од митрополитот Каирски и Северноафрикански Константин.
На средбата учествуваше и претседателот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската Патријаршија митрополитот Волоколамски Антониј, а делегацијата на Патријаршискиот егзархат на Африка ја составуваа: претседателот на мисионерскиот оддел на Егзархатот јереј Георгиј Максимов, помошникот на егзархот за религиозно образование и катехизација протојереј Тигриј Хачатрјан и настојателите на црковните окрузи во Јужноафриканската Република, Кенија, Танзанија, Нигерија, Камерун, Демократска Република Конго, Република Конго, Уганда, Бурунди, Малави, Централноафриканската Република, Руанда, Мадагаскар, Брегот на Слоновата Коска, Того, Бенин и Буркина-Фасо, како и клирици на Егзархатот кои служат во Ангола, Габон, Замбија и на островот Маврициус. Присутен беше и извршниот директор на Фондот за поддршка на христијанската култура и наследство Е. И. Скопенко.
Во почетокот на средбата, поздравувајќи го Претстојателот на Руската Православна Црква, митрополитот Константин рече:
„Ваше Светејшество, Светејши Владико и оче! Неодамна во Православието се случи голема трагедија, кога Вселенскиот Патријарх, а по него и уште неколку Претстоители на Цркви, извршија едно сосема изненадувачко и необично дејство: го признаа расколот што се случи во Украина. Многу наши браќа-свештеници, кои служат на различни места, вклучително и во Африка, беа многу соблазнети од ова дејство. И кога Александрискиот Патријарх влезе во евхаристиско општење со расколниците, овие свештеници се обратија кон Вас, и Вие, Ваша Светост, и Светиот Синод пројавивте татковска пастирска љубов и ги примивте африканските браќа, православните свештеници, под омофорот на Руската Православна Црква.“
„Сега бројот на овие свештеници многу се зголеми, затоа што низ цела православна Африка многумина сакаат да бидат дел од Руската Православна Црква и да не бидат дел од расколот. И денес, во оваа сала, кај Вас како кај татко дојдоа свештениците од двете епархии на Патријаршискиот егзархат на Африка на Руската Православна Црква – Северноафриканската и Јужноафриканската. Овие отци се старешини на своите земји. Во некои земји постои еден црковен округ, а во Кенија, на пример, веќе има 10 окрузи, во Уганда – 3, во Камерун – 2, во Јужноафриканската Република – едно, во Танзанија – 2 окрузи. Тоа значи дека повеќе од 260 свештеници и големо множество православни верници на православна Африка се Ваши чеда, кои на секоја Литургија го споменуваат Вашето име.“
Поздравувајќи ги присутните, Патријархот Кирил, меѓу другото, рече:
„За мене е голема радост да ве видам сите вас, да поразговарам со вас и да ве уверам во тоа дека Руската Православна Црква сосема несебично, без да стреми да извлече никаква корист, ја започна својата мисионерска работа во Африка.“
„Русија ја врзува долгогодишно пријателство со многу африкански земји. И еве во што е причината: нашата земја никогаш не учествувала во трговија со робови и не се занимавала со колонизација на Африканскиот континент. Русија е огромна, најголемата земја по површина, има многу ресурси, и никогаш не посегнала по ресурсите на Африканскиот континент – во тоа е нејзината разлика од мнозинството европски земји. Напротив, уште кон крајот на XIX век, а особено во XX век, Русија им помагаше на африканските народи – и тоа добро го знаете – да ја одбранат својата независност, да ја стекнат својата слобода, за да престане експлоатацијата на африканските народи од страна на колонизаторите и Африка да добие можност за слободен и динамичен развој. Се разбира, борбата против колонијализмот многу ја зближи нашата земја со Африканскиот континент.“
Понатаму, Претстоителот на Руската Православна Црква потсети дека една од формите на поддршка на африканските христијани била и останува подготовката на кадри во Русија, каде што во световни и духовни образовни установи се школувале и се школуваат претставници на многу африкански држави.
Патријархот Кирил подробно ги изложи причините кои го довеле Светиот Синод на Руската Православна Црква до потребата за востановување на Патријаршискиот егзархат на Африка: тоа е „нарушувањето на основните канонски правила и норми, со кои треба да се раководи Православната Црква“ од страна на Александрискиот Патријарх Теодор, неговата „фатална одлука“ да влезе во општење со расколничката структура, што ги доведе самите архијереи на Александриската Патријаршија до фактичко паѓање во раскол, по што следуваа многубројни молби од клирици од Африка, кои не сакаа да учествуваат во расколничките дејствија, за да бидат примени под јурисдикцијата на Руската Православна Црква – известува информативната служба за Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија.
„Силен впечаток ми оставаат храброста и истрајноста кои ги покажавте на овој пат, мои мили браќа – рече Светејшиот Патријарх. – Знам дека на многумина од вас заради направениот избор во полза на верноста кон канонското Православие им беше дадено да искусат лишувања, напади во средствата за јавно информирање, закани, непријателски дејствија… Но вие не се поколебавте, не се отклонивте од избраниот пат. Сакам да му заблагодарам на секој од вас, а преку вас – на сите африкански свештеници и верници – за трудовите што ги понесовте, а пред сè за верноста кон каноните на Православната Црква. Би сакал во ваше лице да го повикам целото свештенство на Егзархатот на Африка да ја зачува цврстината во верата и да не се плаши од никакви закани.“
„Ние навистина сакаме да ја видиме Православната Црква во Африка силна, цврста, способна да ги обедини народите на континентот врз основа на православната вера, и верувам дека Православието во Африка има многу голем потенцијал и голема иднина. Поинаку не ни може да биде! Но за да биде така, на сите нас ни е потребно добро и многу да се потрудиме“ – подвлече Патријархот Кирил, укажувајќи на главните насоки на натамошната работа: создавање на парохиски заедници, развивање на катехизацијата, духовното просветување и социјалната дејност. Особено Претстоителот ја истакна важноста на позитивниот пример на пастирите за мирјаните, потсетувајќи дека „свештенството треба да соодветствува на високите идеали на христијанската моралност не само во црковното служење, туку и во својот личен и семеен живот.“
Во одговор митрополит Константин му заблагодари на Светејшиот Владикa од името на делегацијата на Патријаршискиот егзархат на Африка за поканата да дојдат во Москва, а исто така раскажа за богослужбите и настаните за време на посетата и му се заблагодари на раководството на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија и на Фондот за поддршка на христијанската култура и наследство, со чија помош 71 богослов од Африка се школува во девет духовни училишта на Руската Православна Црква, а исто така се реализираат и многу други иницијативи.
Потоа Претстоителот на Руската Православна Црква опширно одговораше на прашањата на африканските свештенослужители.





Патријаршискиот егзархат на Африка е образуван со одлука на Светиот Синод на Руската Православна Црква на 29 декември 2021 година. Во тој момент во Африка имало четири свештеници на Руската Црква, кои служеле на пет парохии во четири држави. Во сегашно време, во 36 африкански држави дејствуваат 332 парохии на Патријаршискиот егзархат, на кои служат повеќе од 270 свештеници и ѓакони.
