Денот на семејството, прва Литургија на новиот Грузиски Патријарх

На 17 мај оваа година, на Денот на светоста на семејството и почитувањето на родителите, Католикос-Патријархот на цела Грузија, Архиепископ на Мцхета-Тбилиси и Митрополит на Бичвинта и Цхум-Абхазија, Неговата Светост и Блаженство Шио III, како поглавар на Грузиската Апостолска Црква, ја отслужи својата прва Божествена Литургија во Патријаршискиот храм „Пресвета Троица“.

Покрај многубројниот верен народ, на богослужбата присуствуваа и поканети гости од: Цариградската, Александриската, Антиохиската, Ерусалимската, Московската, Српската и Бугарската Патријаршија и од Црквите на Грција, Албанија и Полска. Сослужуваше и поглаварот на Црквата на Чешка и Словачка, Неговото Блаженство Митрополитот Ростислав.

На свечената Литургија присуствуваа претседателот на Грузија Михаил Кавелашвили, премиерот Иракли Кобахидзе, претседателот на Парламентот Шалва Папуашвили, градоначалникот на Тбилиси Каха Каладзе, како и претставници на дипломатскиот кор, законодавната и извршната власт.

Одбележувањето на Денот на светоста на семејството на 17 мај беше востановено во 2014 година од блаженоупокоениот Католикос-патријарх Илија.

Грузија е земја со традиционални вредности и овој празник, востановен од Неговата Светост, народот секоја година го одбележува со особена свеченост. Така беше и оваа година. На верниците собрани во Патријаршискиот храм „Пресвета Троица“ им се придружи и голема поворка луѓе кои пеш доаѓаа од храмот „Свети Георгиј“ во Кашвети. Сите го слушнаа свеченото обраќање на Католикос-Патријархот Шио III до народот и гостите, како и говорите на највисоките државни претставници и на претставниците на пристигнатите делегации. На крајот, во дворот на храмот беше отслужена доксологија – известува Грузиската Православна Црква.

Овогодишниот 17 мај беше првата служба одржана без Патријархот Илија, но тој духовно беше присутен и сите ја истакнуваа неговата особена улога во историјата на Грузија, неговиот придонес во заштитата на духовните вредности и неговата грижа за решавањето на демографските проблеми на народот – завршува известувањето од Грузиската Патријаршија.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/18XWRDViso/