Десницата на свети Спиридон Тримитунтски донесена во Казахстан

На 21 септември 2026 година, на празникот Раѓањето на Пресветата Владичица наша Богородица, со благослов на Неговата Светост патријархот Московски и на сета Русија Кирил, во Казахстан беше донесена голема светиња — десницата на светиот Спиридон Тримитунтски, Чудотворец, од грчкиот остров Крф.

Првиот град во кој пристигнаа моштите на свети Спиридон беше Караганда, рударската престолнина на републиката. Кивотот со нетлената десница на свети Спиридон го придружува делегација на Црквата на Грција, предводена од свештенослужители на Керкирската митрополија. Заедно со нив, во Казахстан пристигнаа и претседателот на Комисијата на Руската Православна Црква за развој на поклоништвото и донесување светињи, митрополитот Псковски и Порховски Матеј

Светињата беше донесена во соборниот храм „Света Троица“. На влезот од главниот храм на Карагандиската епархија чудотворните мошти на свети Спиридон ги пречекаа митрополитот Астански и Казахстански Александар и архиепископот Карагандиски и Шахтински Севастијан.

Архиереите и свештенослужителите извршија кратко славословие на Тримитунтскиот чудотворец, по што започна Божествената Литургија, со која началствуваше митрополитот Александар.

Да го прослават празникот и да ѝ се поклонат на големата православна светиња се собраа многубројни верници.

На крајот од Литургијата пред кивотот со моштите беше извршено славословие во чест на празникот Раѓање на Пресвета Богородица и на свети Спиридон.

Потоа започна поклонувањето на верниците пред моштите на свети Спиридон. Да му упатат молитви на Божјиот угодник се собраа жителите и гостите на Рударската престолнина, како и голем број поклоници од градовите и селата во централниот дел на Казахстан. Кивотот со моштите на свети Спиридон ќе се наоѓа во Караганда на 21 и 22 септември. Пред светињата, свештенството на Карагандиската епархија непрекинато ќе служи молебни со акатист.

Извор: https://mitropolia.kz/news/mitropolia/14931-kazakhstan-vstretil-velikuyu-svyatynyu-pravoslaviya-netlennuyu-desnitsu-svyatitelya-spiridona-trimifuntskogo.html