Добротворна акција во Српската Православна Црква: Купи книга и нахрани гладен

Во просториите на Верското добротворно старателство на Српската Православна Црква на 2 септември 2025 година се одржа прес-конференција по повод почетокот на хуманитарната акција „Една книга – еден оброк“, која заеднички ја организираат Верското добротворно старателство и манастирот Тумане, со благослов на Неговата Светост српскиот Патријарх г. Порфириј.

Акцијата е започната по повод излегувањето на книгата „Таа никогаш не спие – Туманската Красница“ од авторството на архимандрит Димитриј, игумен на манастирот Тумане. Со купување на секој примерок од книгата, по цена од 299 динари (157 денари), се обезбедува еден оброк за корисниците на народните кујни на Верското добротворно старателство. Книгата носи духовно и историско сведоштво за чудотворната икона на Туманската Богородица, стара повеќе од четири века, која веќе девет децении е сместена во манастирот Тумане и станала извор на надеж, утеха и бројни исцеленија. На конференцијата зборуваа епископот Топлички Петар (викар на патријархот), координатор на Верското добротворно старателство во Белград, и архимандрит Димитриј, игумен на манастирот Тумане, кои го истакнаа значењето на поврзувањето на духовната и материјалната грижа за луѓето во потреба.

„Оваа акција е тројно благословена, бидејќи оној што ќе се одлучи да ја купи оваа благословена книга, всушност овозможува и тој и неговиот дом да се хранат со духовните благодати за кои таа сведочи, и преку неа да прими едно душекорисно четиво и благослов. Во исто време, тој добротвор, добронамерен купувач на книгата, со тој гест храни, односно обезбедува оброк за најзагрозените претставници на нашето општество, а според зборовите на Господ, оној што нахранил во Негово име гладен, на Христос Му послужил. А според тоа, Господ самиот вели дека така ќе ни суди. Затоа третиот благослов е: и што сме нахраниле некого, и што сме добиле едно толку значајно четиво, а истовремено купуваме и свој „небесен бон“, зашто Господ вели: „Нема полза да се збогатувате, ако не стекнувате богатства на небото“. А ова е еден од начините барем еден небесен бон да заработиме“ – истакна владиката Петар.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//14717.jedna-knjiga-%E2%80%93-jedan-obrok-kupi-knjigu-i-nahrani-gladnog.html