21 август 2025 година, на подворјето на Руската духовна мисија во чест на Светите Праотци, во Хеврон, во Светата земја, со учество на жителите на подворјето и доброволци од жителите на провинцијата Хеврон и други региони на Палестина, беше извршено чистење на територијата на подворјето, кое претходно пострада од подметнат пожар.
Имено, на 15 август, на територијата на подворјето, каде што се наоѓа дабот почитуван како место на библиското гостољубие на светиот патријарх Авраам, изби пожар, при што пострадаа овошни дрвја во градината на подворјето. Огнот за малку ќе стигнел до древниот даб, но благодарение на навремената реакција на жителите на подворјето, истиот бил сопрен; повикана била и противпожарна екипа, која веднаш пристигнала на местото на настанот. Полициската истрага утврди дека пожарот бил подметнат: злонамерници фрлиле преку оградата завиткани во фолија жешки јаглени, кои предизвикале палење на дрвјата.
Руската духовна мисија изрази длабока благодарност кон сите доброволци што учествуваа во акцијата на расчистување. „Ова благородно дело служи за зацврстување на добрите односи меѓу жителите на подворјето во чест на Светите Праотци и жителите на Хеврон, како и придонесува за зачувување на меѓурелигискиот мир и согласие“ – се вели во известувањето на подворјето. Свештенството и монаштвото на Руската Црква, кои го извршуваат своето служење на Светата земја, упатија искрена благодарност до претседателот на Високата претседателска комисија на Палестина за прашања на христијанските цркви, д-р Рамзи Хури, и до гувернерот на Хеврон, г. Халед Дудин, за нивната помош и внимание кон проблемите на подворјето.
Како што е наведено во објавата на веб-страницата на Руската духовна мисија, „добротворната акција на волонтерите и властите на Хеврон сведочи дека добрите односи меѓу нашите народи се посилни од несогласувањата и претставуваат најдобар одговор на дејствијата на оние што се стремат да посеат омраза и раздор“.

