Доказите против Митрополитот Иларион (Алфеев) биле фабрикувани, според експертска анализа

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Руската православна црква г. Иларион (Алфеев) од Будимпешта ги поздравува наодите од новата форензичка анализа која ги разоткрива наводните докази против него како фабрикувани, изјавувајќи за РИА-Новости дека овие резултати ќе бидат презентирани пред истражителите и веројатно ќе доведат до кривични обвиненија за клевета.

Во јули, поранешниот ипоѓакон и асистент на Митрополитот Иларион, Георгиј Сузуки, изнесе серија сериозни обвинувања против него, вклучувајќи и сексуално вознемирување, објавувајќи преку медиумите наводно тајно снимени видео и аудио докази. Митрополитот, кој настојува на својата невиност, нагласи дека тој всушност е жртва во постоечкиот кривичен случај против Сузуки, а не осомничен во каква било истрага. Поранешниот асистент го ограбил Митрополитот пред да ја напушти Унгарија, и откако се вратил во Јапонија, започнал да го уценува, вели Митрополитот Иларион.

„Руската агенција за правни и судски информации“ објави наоди од форензичко техничко испитување на видео и аудио материјалите кои беа искористени за дискредитирање на Митрополитот Иларион, тврдејќи дека тие се софистицирани фалсификати.

Форензичката анализа, спроведена од сертифицираниот Центар за правна и форензичка експертиза „Вистина“, покажа дека и видео и аудио материјалите биле манипулирани. Експертите пронашле докази за повеќекратни технички измени, вклучувајќи манипулација со кадри, вештачки промени во осветлувањето, непропорционално деформирање и намерно замаглување на црти на лицето. Аудио снимката, наводно покажувајќи го Митрополитот како дискутира за својата колекција на вина, исто така покажала знаци на дигитална манипулација што го правело невозможно одредувањето на идентитетот на говорникот.

Случајот има сериозни последици за Митрополитот Иларион, кој е привремено отстранет од своите позиции како Митрополит на Будимпешта и Унгарија и претседател на Синодалната библиска и теолошка комисија додека комисија ги истражува обвинувањата, како што веќе известивме.

Експертите за сајбер-безбедност интервјуирани од споменатата Агенција предупредија дека овој случај ја истакнува растечката закана од софистицирани дигитални фалсификати. „Со сегашната технологија, можно е да се создадат лажни аудио или видео докази што би можеле да вмешаат било кого во недолично однесување за само неколку часа“ – забележа еден експерт од голема руска ИТ компанија.

Правните експерти нагласуваат дека во денешната дигитална ера, само аналогните снимки на физички медиуми можат да се сметаат за целосно доверливи докази.

Извор: https://orthochristian.com/164081.html